
Сообраќајот со изменет режим, без настава и без работа на државната и јавна администрација се дел од работите кои ќе бидат изменети попладне и утре во Скопје. Ова е како резултат на посетата на околу 1.000 гости, меѓу кои и највисоките политички претставници од САД и Русија. Посетата доаѓа како резултат на Министерскиот совет на ОБСЕ, кој утре официјално ќе започне во адаптираната спортска сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Она што на Министерскиот совет на ОБСЕ му дава посебен белег, е што на него ќе присуствуваат и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров

Ентони Блинкен (лево) заедно со Сергеј Лавров
Авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, за време на одржувањето на советот ќе се одвива регуларно, информираат од ТАВ Македонија. И од Македонска навигација М-НАВ, националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, не очекуваат доцнења на редовните авиолинии или дополнително најавените за министерскиот состанок на ОБСЕ.
Од ТАВ апелираат патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот за да стигнат навреме на аеродромот.
-ТАВ Македонија известува дека авиосообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје во следните неколку дена – 29-ти ноември, 30-ти ноември и 1-ви декември, за време на одржувањето на 30-тиот Министерски Совет на ОБСЕ во Скопје, ќе се одвива регуларно, но притоа апелира до патниците да ги следат насоките и известувањата на Министерството за внатрешни работи во врска со сообраќајниот режим низ градот Скопје, со цел да бидат во можност да пристигнат на своите летови, односно на аеродромот навреме, велат од ТАВ Македонија.
Министерството за труд и социјална политика известува дека сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје на 29-ти ноември 2023 година (среда) ќе работат со скратено работно време до 12:00 часот, а 30-ти ноември 2023 година (четврток) се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје.
Истиот нема да се одработува.
Оваа одлука се однесува и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, меѓутоа од министерството напоменуваат дека не се однесува на јавните предучилишни установи, здравствените установи и безбедносните служби на подрачјето на градот Скопје.
Тие треба да изработат сопствени планови кои ќе овозможат непречено функционирање на установите. Се препорачува општините на градот Скопје и Градот Скопје да ги спроведат заклучоците .
Денес Скопје е преполно со безбедносни служби и градот го надлетуваат хелокоптери.