
Перформативната, танцова и придружна програма на Викендот на гордоста Скопје 2025 се фокусира на телото како сцена на отпор и критика, преку четири исклучителни дела од современиот регионален танц и перформанс.
Четворица уметници – Алма Гачанин (БиХ), Игор Коруга (Хрватска), Александар Георгиев (Шпанија/Македонија/Бугарија/Шведска) и Маја Зечо (БиХ/Шкотска), преку различни изразни форми ги отвораат прашањата на прекарниот труд, телесната меморија, квир политиките, колективни искуства од воен конфликт и заднинските архиви на телото. Од вежбалница во дистописки пејзаж, преку емпатичен колективен танц против догмите, до деколонијален поглед од зад грб – оваа програма нуди перформативна критика на неолибералниот капитализам и репресивните општествени системи, истовремено прославувајќи го телото како простор на субверзија, нежност и политичка имагинација.
На 5 јуни, со почеток во 20:30 часот во МКЦ, ќе се одржи перформансот „Колку добро се покажа денес / How Well Did You Perform Today“ на визуелната уметница, поетеса и феминистка Алма Гачанин од Сараево.
Делото произлегува од нејзиното долгогодишно истражување на прекаритетот и телесната исцрпеност кај уметничкиот и услужниот труд, и вклучува фрагменти од реални разговори меѓу автори и клиенти, лични дневнички записи и цитати од „Економија на незагубеното“ на Ен Карсон, создавајќи наратив кој ја преклопува интимната историја со структурните услови на постсоцијалистичкиот капитализам. Спојувајќи го преодот од девојка во жена со транзицијата во Босна и Херцеговина од социјализам во капитализам, авторката нуди увид во нејзината интимност, без притоа да ја романтизира, создавајќи приказна за прекаритетот преку физичката исцрпеност во дистописка сала за вежбање.
На 12 јуни во 20:30 часот во МКЦ, ќе се изведе танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ од хрватскиот кореограф Игор Коруга. Делото критички го преиспитува влијанието на капитализмот, патријархатот и другите системи на репресија врз личните и телесните сфери – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц.
Игор Коруга е антрополог, кореограф и мултимедијален уметник чија работа се изведува низ Европа. Дејствува и како драматург, изведувач, педагог и истражувач во изведувачките уметности.
На 13 јуни во 20:30 часот во МКЦ ќе биде изведено кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце, уметнички истражувач и изведувач со интернационално искуство. Делото го насочува фокусот кон задниот дел на телото како наративна и естетска основа, преиспитувајќи го неговото отфрлање и невидливост во рамките на западноевропската танцова традиција.
Последно, на 14 јуни, со почеток во 20:00 часот во КСП Јадро, ќе се одржи перформансот „Растварања / Dissolutions“ на интердисциплинарната уметница Маја Зечо. Делото се изведува во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско и КСП Јадро.
Dissolutions (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба, користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност.
Изведбата е дел од отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо под наслов „Незгодни иднини / Discomfited Futures“, во кураторство на Џон Блеквуд. Изложбата ќе трае до 26 јуни и ќе биде придружена со каталог.