ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.02.2026
“Те сакам” на мајчин јазик
Не се сеќавам кога точно го научив својот мајчин јазик. Никој од нас не се сеќава.
Тој е нешто вродено и наследно во исто време, доаѓа преку гласови што ни биле поблиски од сопствените мисли. Го слушаме пред да знаеме што е збор, го разбираме пред да знаеме што е значење.
Подоцна учиме други јазици. Ги учиме правилата, времињата, изговорот. Можеме да звучиме убедливо, дури и сигурно. Но секогаш постои еден мал јаз меѓу тоа што го мислиме и тоа што успеваме да го кажеме. Само на мајчин јазик тој јаз исчезнува. Таму мислата и зборот се случуваат во ист момент.
На мајчин јазик луѓето не звучат попаметно, туку звучат поискрено. На него се караме без да бираме зборови, се смееме без објаснување и молчиме без непријатност. Тоа е јазикот на кој „добро сум“ понекогаш значи „не сум“, а другиот сепак разбира. Ниту еден речник не може да го објасни тоа.

Мајчиниот јазик е една од ретките работи кои не можеме да ги позајмиме или замениме.

Понекогаш тоа се случува незабележливо. Некој од дома ќе нè повика по име со истиот тон како некогаш, и без да размислиме одговараме веднаш, како ништо никогаш да не се променило. Во тој миг не размислуваме за граматика или правилен изговор. Не преведуваме во глава. Само разбираме. И можеби токму тогаш сфаќаме дека мајчиниот јазик не е нешто што го зборуваме, туку нешто што нè препознава.
Колку повеќе светот станува поврзан, толку повеќе личните работи стануваат важни. Мајчиниот јазик е една од ретките работи кои не можеме да ги позајмиме или замениме. Можеме да живееме на друго место, да мислиме на друг јазик, но во моменти на страв, радост или љубов, зборовите сами се враќаат таму каде што почнале.
„Те сакам“ изговорено на мајчин јазик не звучи свечено. Не звучи ни поетично. Звучи едноставно, и токму затоа е вистинито. Во тие два збора нема обид да се импресионира, туку желба да се биде разбран.
Можеби љубовта секогаш бара најкраток пат до другиот човек. А мајчиниот јазик е токму тоа, најкраткиот пат меѓу две срца.
Оскарите со измени поради војната?
Светски ден против дебелината: младите се сѐ по дебели