ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.06.2022
Текстилниот отпад како модна приказна на Fashion weekend Skopje

Текстилниот отпад во модната индустрија – приказна која има што да понуди! Тоа го направија студентите на ТТФ на УГД на Модниот викенд Скопје 2022.

Студентите од Технолошко -техничкиот факултет при УГД- Штип, по успешната ревија на 25 јуни одржана во Скопје, за Гоце.мк ја раскажаа подетално приказната која се криеше во нивните модели и зошто е знајачно да се подигне свеста за текстилниот отпад.

“Целта на оваа ревија беше доближувањето на фактот дека модата и нејзиниот синџир на снабдување е идентификувана како втор најголем загадувач во светот и начините на кои што може тоа да се промени, а со тоа да пратиме порака, како до сите поголеми и помали текстилни компании, така и до оние кои што ја конзумираат модата, да продолжат да го прават истото на поодржлив и посовесен начин. Како инспирација ги искористивме бескорисните остатоци на материјал кои што остануваат како меѓукроен губиток во конфекциските фирми и создавме  модели со една убава естетска димензија.“, вели Цветанка Гаревска, една од студентките кои ја подготвуваа ревијата.

За согорување на текстилниот отпад годишно се трошат околу 4 милиони долари

Текстилниот отпад се проценува дека е 14 милиони тони тежок на годишно ниво, па затоа е од големо еколошко, но и економско значење ремоделирањето на постари парчиња облека.

“За облеката која што во најголем број на случаи може да се ремоделира или рециклира за жал сѐ уште тоа не се општо прифатени опции и истата завршува во отпад каде што се гори, а при нејзиното согорување испушта јаглероден диоксид, метан и други стакленички гасови кои што завршуваат во воздухот и го намалуваат неговиот квалитет. Сметам дека сѐ уште не сме свесни за последиците на глобално ниво кои што неизбежно е дека прават и ќе прават штета од енормно големи размери доколку не се преземе нешто. Модната индустрија се проценува како пет пати поголем загадувач од авиоиндустријата. Од економски аспект, многу повеќе се вложува во брзата, минлива мода која што работи на линеарниот принцип од ефтини суровини да создаде парче со ограничен рок на траење и истото по неговата употреба да заврши во отпад.“, вели Цветанка.

Што може да се преземе за ваквиот проблем?

Во западните земји веќе има преземено неколку работи за решавање на овој проблем. Иако таму е многу популарно купувањето на “Second hand” облека и “Thrifting“, ова не е случај и кај нас.

“Искрено сметам дека купувањето на “second hand” облека кај нас се поврзува со немањето доволно финансиски средства за купување нова облека, што воопшто не е случај, но поголемата маса на народ истото го има прифатено на тој начин. Реалноста е дека повторното искористувањето на таква облека од економски и еколошки аспект подразбира одржливост и одговорност бидејќи  немаме втора планета.“, вели Цветанка.

Според студентите, ревијата на Fashion week Skopje е само почеток на нивниот проект во врска со кревањето свест за текстилниот отпад. Тие имаат во план организирање на повеќе вакви настани и рекористење на отпадот во модерни креации.

“Сакаме да дадеме и поттик за сите млади или веќе успешни модни дизајнери да го направат истото преку користењето на текстилниот отпад како ресурс претставен во современа форма на модно изразување.“, вели Цветанка.

Од текстилен отпад до дизајнерски модни парчиња

Студентите на сите млади и препорачуваат да размислат и за купување на “Second hand“ облека, но и  на реупотребата на старите парчиња кои веќе ги имаат со додавање на интересни аксесоари да го оживеат моделот и да го донесат во една друга димензија многу поразлична од примарната идеја за негово претставување.

Ревијата на студентите по повод Fashion week Ѕkopje, може да ја погледнете овде.

Геоглифот кај С.Николе – ровови или македонска историја?
СКОМ 2024 – конгрес на студентите по општа медицина