Пернички, јорганчиња, лејзи бегови, но и парчиња облека кои доминираат и на модните писти…Во нив тешко ќе ги препознаете купиштата од текстилниот отпад, а сепак е таму.
Од проблем, од загадувач на околината, дел од текстилниот отпад се претвора во производ со нова вредност. Во недостаток на системско решение за текстилниот отпад, пионерски чекори во оваа насока прават невладиниот и високообразовниот сектор. Невладината организација „Фондација за развој на локалната заедница“ (ФРЛЗ) од Штип заедно со Технолошко техничкиот факултет на државниот универзитет „Гоце Делчев“ во пракса покажаа како текстилниот отпад наместо загадувач може да биде суровина и да се преработи:
„Ние го прибираме текстилниот отпад, но не оној кој царински се декларира, туку оној кој останува од кројница, го преработуваме , и го користиме како полнеж за перници – украсни за седење. Сега воведуваме и нови два производи, перници за домашни миленичиња и кукли за деца.
На ниво на Македонија, годишно се фрлаат околу 9000 тони текстилен отпад (Државен завод за статистика ), кој завршува на депониите, каде се гори, и дополнително го загадува воздухот.
„Последиците од текстилниот отпад ги чувствуваме малку подоцна, не во моментот кога се создава.– вели Доц. Д-р Сања Ристески, професорка на Технолошко техничкиот факултет.
Во 2021 година започна првиот проект, „Циркуларната економија како начин за справување со текстилниот отпад“, бидејќи самиот циркуларен модел го нуди токму тоа – имаме ресурс, од тој ресурс создаваме производ, при создавањето се генерира текстилен отпад, меѓутоа тој текстилен отпад го користиме како суровина за добивање на нов производ.
„Целите беа да се изработат пернички, лејзи бегови или перници за седење, јорганчиња во различни големини
Ова е само едно од можните решенија за текстилниот отпад, кое има своја дополнителна вредност со вклучувањето во него на ранливите групи на граѓани. Освен жените кои останале без работа од текстилните компании, свој ангажман во преработката на текстилниот отпад можат да најдат и други ранливи групи на граѓани. Затоа се работеше со сензитивни, ранливи групи на граѓани. Првата обука беше со Центарот „Порака“, се работеше со лица со посебни потреби, каде отпадот од текстилните компании го редизајниравме во облик на маици, торби, несесери…
Друга обука се реализираше во Средното училиште за образование и рехабилитација „Искра“ во Штип, каде учениците изработија прекрасни креативни дела, тоа се ученици кои веќе се остручени да шијат, конструираат и моделираат, така што и од таму излегоа доста модели и успешно беше искористена голема количина текстилен отпад.
Во сите овие обуки учествуваа близу сто учесници – ученици, студенти, лица со посебни потреби, како и жените од текстилните компании кои останале без работа. За одбележување е што од студенитте, дел беа и од Шпанија, кои преку програмата Еразмус плус престојуваат на УГД.
Социјалното претриемништво кај нас е во зародиш, и колку е реално да очекуваме брз раст на социјални претпријатија кои ќе се занимаваат со текстилниот отпад, ја прашуваме Сања Манчева, ко-основач и претседател на Здружение за едукација, промоција и развој на социјално претприемништво КО-КРЕАТОРИ, ментор во Регионален инкубатор за социјални претприемачи RISE и Ептиса Југоисточна Европа – регионална канцеларија за социјална економија.
„Социјалното претприемништво настанало со потреба од создавање на нов концепт поразличен од хуманитарни акции и давање помош на маргинализираните заедници. Идејата била припадниците на овие заедници активно да се вклучат во наоѓање решенија за предизвиците со кои се соочуваат и да го променат своето место во Еко-системот од луѓе кои добиваат помош, во сопственици или вработени во претпријатија со социјални мисии кои помагаат во решавање на општествените проблеми. За разлика од Европа, каде секое трето новоотворено претпријатие е социјално, социјалното претприемништво во нашата држава се’ уште е во развојни стадиуми, иако бележи голем напредок во изминатите години.
Причините за оваа состојба се бројните предизвици со кои се соочуваат луѓето кои би можеле или сакале да започнат социјални бизниси, но едно е сигурно, не е заради отсуство на потреби од нивно постоење. За да се поттикне развојот на овој концепт на претпријатија, потребна е поголема едукација и менторство на сите засегнати во општеството, посебни локални и национални политики, имајќи ги предвид сите територијални предизвици и потреби.
За да се развие едно одржливо социјално претпријатие кое од досегашната практика се покажа како најголем предизвик, социјалната и економската мисија треба да произлезат од заедницата што сакаме да ја поддржиме и да ја зајакнеме, да одговара на потребите на засегнатите лица, но и потребите на територијата. Успешните приказни на Umbrella Lounge Bar, Покров, Копче се само мал број на примери дека сепак и на овие простори социјалните претпријатија можат да опстојат. Потреби, заинтересираност и идеи постојат. Едукација, менторство и поддршка е она што недостасува“
Борис Шарковски од ФРЛЗ вели дека најголем проблем за функционирањето на такви социјални претпријатија е тоа што нема поттик од државата. Исто така, нема доволно претприемачки дух кај потенцијалните претпремачи. Тешко се обезбедува почетен капитал, нема фондови, а новиот закон, наместо да ја олесни работата, постои опасност да наметне нови административни потешкотии.
Сепак, како и во многу други области, и кај проблематиката со текстилниот отпад, еден значаен дел од решението на проблемот го имаат луѓето, поединецот. Во овој случај, ова најмногу се рефлектира преку старата облека, која сите ние ја фрламе и истата завршува на отпад и се гори.
Во целиот свет е тенденција на енормно зголемување на производството на парчиња на облека. Самото тоа значи дека повеќе се купува и пократко време се носи. Полните гардеробери ни се проблем, и од старата облека се ослободуваме на наједноставниот начин – ја фрламе во контејнер. Така, таа само го зголемува количеството на текстилен отпад, со самото тоа и загадувањето. Решението е донирање на облеката или директно, или преку собирните центри за стара облека, најчесто во организацијата на црвен крст.
Законските измени предвидуваат решенија и за старата облека:
Сите имаме облека која не ни е потребна. Пред да ја фрлиме треба да размислиме дали можеме од таа облека да редизајнираме, да создадеме ново парче облека.
Во иста насока одат и активностите на ФРЛЗ, потврдува Борис Шарковски:
Ќе се насочиме повеќе на реупотреба и рециклирање и на износените алишта. Сево ова повторно се во контекст на одредбите од новиот Закон за управување со отпад“
Изработката на нови производи од текстилниот отпад преку Социјални претпријатија е едно од можните решенија за овој загадувач. Секако, добар почеток во насока на ангажман и на текстилните компании на кои текстилниот отпади им е проблем, но и на институциите, кои треба да бараат решенија за намалување на загадувањето на животната средина.