Температурни рекорди се бележат низ целиот свет, глобалното затоплување ги предизвикува климатските промени чии ефекти се повеќе ги чувствуваме. Научниците се обидуваат да дадат одговор на прашањата што се случува и што не очекува.
Две нови студии фрлаат светлина на зголемените ризици со кои се соочува светот поради глобалното затоплување. Тие објаснуваат како таквите опасности можат да ескалираат во домино ефект, пишува американскиот портал Axios. Една од тие студии беше објавена оваа недела во списанието Geophysical Research Letters. Нејзините автори предупредуваат дека одредени временски екстреми, како што е сушата, може да предизвикаат или влошат други климатски опасности, како што се топлотните бранови.
„Во јуни 2021 година, југозападот на САД доживеа рекорден топлотен бран. Овој топлотен бран дојде во време кога регионот беше погоден од силна суша. Сушата ја менува количината на површинската енергија на начини кои влијаат на пониската атмосферска температура и циркулација. Поради тоа можно е комбинацијата на суша и топлина да претставува каскадна климатска опасност, во која претходната суша го влоши топлотниот бран“, се вели во студијата.
Интеракцијата на екстремните настани поврзани со климатските промени може да создаде каскадни и невидени резултати, се вели во истата студија. Југозападниот дел на САД моментално се соочува со долготрајна мегасуша предизвикана од човекот, а овие услови ја зголемуваат можноста за пожешко и посува лето со високи ризици од пожари. Авторите истакнуваат дека сличните интеракции помеѓу сушата и топлината веројатно дозволиле шумските пожари во Ново Мексико да се зголемат на рекордно ниво во последните месеци.
„Гледаме сигнал за климатски промени во рана пролет, побрзи суши и предвремени летни горештини. Тоа ќе доведе до поголеми влијанија отколку што би предвидувале доколку го погледнеме секој од овие феномени посебно“, рече коавторот на студијата Бенџамин Заичик, истражувач. на Универзитетот Џон Хопкинс.
Студијата предупредува дека светот е веќе за околу 1,2 степени Целзиусови потопол во просек од прединдустриските нивоа. Со тоа е на пат да достигне затоплување од 3 степени Целзиусови до крајот на овој век.
Втората студија, објавена оваа недела во списанието Climatic Change, користи проекции од дури 21 компјутерски модел. Во него, истражувачите се обидоа да утврдат колку изложеноста на општеството на климатски ризици – од недостиг на вода до топлотен стрес – ќе се разликува со одржување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови во споредба со повисоките нивоа.
Студијата покажа дека со ограничување на глобалното затоплување на најстрогата цел на Парискиот климатски договор, општествените ризици може да се намалат за 85 отсто во споредба со оние поврзани со затоплување од околу 3,6 °C. Ризиците за луѓето би се намалиле на глобално ниво за 10 до 44 проценти доколку затоплувањето се ограничи на 1,5 °C во споредба со 2 °C, покажа истата студија.
Рејчел Ворен, главен автор на втората студија и истражувач во Центарот за истражување на климатските промени Тиндал, рече дека не е доцна да се спречат најопасните исходи од климатските промени.
„Ова не е време за очај, тоа е време за учество во возбудлива деценија на трансформација“, рече Ворен.
Аксиос пишува и дека во јуни топлотните бранови соборија температурни рекорди во дури пет земји: Јапонија, Италија, Норвешка, Иран и Финска. Јапонија, на пример, во јуни забележа температура од 40 степени Целзиусови за прв пат во историјата на мерењата.
Се што треба да знаете за глобалното затоплување и климатските промени
Во Јапонија дури 550 месечни метеоролошки рекорди се срушени за само шест дена од јуни оваа година. Токио постави рекорд за најмногу последователни денови од 35 или повеќе степени Целзиусови. Најмалку пет илјади Јапонци се хоспитализирани поради топлото време. Oд населението било побарано да заштеди енергија поради зголемената потрошувачка предизвикана од жештините. На пример, персоналот на градската управа во Токио беше советуван да работи во канцелариите без да ги вклучува светлата. Светлата беа исклучени во замрзнувачите на супермаркетите низ земјата, а електричните апарати беа исклучени во продавниците за покуќнина.