
Министерството за образование и наука реагира на соопштенијата кои беа упатени во јавноста од страна на општина Тетово во кои се вели дека во оваа општина фалат преку околу 450 илјади учебници. Во реакцијата од МОН се вели :
Локалната самоуправа на општина Тетово мора да биде повеќе ажурна во своето работење, особено кон исполнувањето на обврските во областа на образованието и наместо раководството да води дневна политика преку прес конференции и соопштенија полни со неосновани критики и лажни информации, повеќе да се фокусира на потребите на учениците.

Фото: МОН
По информацијата дека во Тетово недостасуваат учебници, должни сме да ја информираме јавноста дека секое училиште уште во месец мај во една тековна година, преку електронска апликација пријавува број на учебници по сите предмети, кои ќе бидат потребни за следната учебна година. Врз основа на овие доставени податоци, МОН набавува соодветен тираж и истиот го испорачува до општините.
Во Тетово недостасуваат учебници, а во постојниот фонд има и оштетени учебници, поради тоа што училиштата на нејзина територија или не доставиле воопшто или пак доставиле неточна информација за реалните потреби согласно бројот на ученици и не ги пријавиле оштетените учебници кои биле должни да ги пријават согласно Упатство со кое се запознаени.
Информираме дека на 29 април годинава, МОН со допис ги извести сите општини дека е потребна информација за бројот на учебници за новата учебна година, со рок истата да се достави до 12 мај. Од училиштата во Тетово немаше никаква реакција и по неколку потсетувања од страна на службите на МОН, информации доставија дури во средината на месец јуни. И покрај неажурноста од страна на тетовските училишта, МОН веднаш пристапи кон испорака при што достави 409.458 учебници од прво до петто одделение, а наскоро ќе заврши и испораката на 48.254 учебници за седмо, осмо и деветто одделение.
Од општина Тетово претходно на прес конференција истакнаа дека во општината недостасуваат близу 45 илјади учебници. Претставници на Секторот за јавни дејности-Одделение за оразование при Општина Тетово вчера одржаа прес-конференција на која посочија за пролемот со недостиг на учебници во општинските училишта. Според раководителот на Секторот, Назми Даути фалат околу 45.000 книги во тетовските училишта.
Тој понатаму рече дека Општина Тетово е решена да го заштити правото на учениците за квалитетно оразование и ќе продолжи да повикува на помош и поддршка од донаторите и другите владини и меѓународни институции.