
За континуитет во настапи на Светско првенство во ракомет, репрезентацијата на Македонија ќе има тежок пат. Жребот за мундијалскиот бараж сакаше препреки да бидат Романија и евентуално Чешка.

Лошиот настап на Македонската ракометна репрезентација на Европското првенство во Унгарија ни донесе и тежок пат до нов настап на Светско првенство. Два тешки бараж дуели ги очекуваат нашите ракометари (се разбира, може да биде и еден, ако загубиме веќе во првиот, условно „полесен“ бараж).
За континуитет во настапите на Светските првенства, ослабената ракометна Македонија ќе мора да помине две пречки – најпрвин, треба да биде подобра во двомечот со Романија, а ако ја помине таа прва пречка, последен противник на патот до Полска и Шведска 2023 ќе биде селекцијата на Чешка. Во некои други времиња, со Романија не би требало да имаме проблеми, ги победивме и на последниот бараж за настап на ЕП во Германија, но очајното издание на Македонија на ЕП во Дебрецин не ни дава право на многу оптимизам. Славните времиња на Романија се далеку во минатото, во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, кога четири пати биле светски прваци, а четири пати освојувале и Олимписки медали. Но за жал, според се што се случува во последно време, укажува на тоа дека и нашите славни ракометни времиња стануваат минато, па задачата со тоа е уште потешка.
Баражите за мундијалот Македонија ќе ги започне на домашен терен, на 16 или 17 март, а реваншот е на 23 или 24 март во Романија. Во случај на успех на овој двомеч, првиот натпревар против Чешка би го играле на гости на 13 или 14 април, а одлуката би паднала во Скопје, на 16 или 17 април.
Во другите натпревари од првото коло од баражот за Светското првенство се среќаваат: Италија – Словенија, Австрија – Естонија, Украина – Финска, Словачка – Белгија, Грција – Босна и Херцеговина, Фарски Острови – Белорусија и Израел – Литванија.