Социјалната мрежа TikTok отстрани повеќе од 113 милиони клипови помеѓу април и јуни оваа година, според кварталниот извештај на компанијата.
Бројни клипови се отстранети поради прекршување на условите за користење, но ова е само мал процент во споредба со количината на содржина што е објавена на TikTok. Поточно, 113 милиони клипови претставуваат само 1 процент од вкупниот број објавени во текот на трите месеци.
Најчеста причина за отстранување видео е прекршување на правилата поврзани со безбедноста на малолетниците. Ова претставува нешто помалку од 44 отсто од отстранетите видеа. Други вообичаени причини се нелегални активности и регулирани добра, како и експлицитна содржина и сексуални активности.
Сè поголем број клипови на TikTok се отстрануваат од автоматизираните системи на платформата, со околу 48 милиони отстранети минатиот квартал. Речиси 96 проценти од видеата во тримесечниот период беа отстранети пред корисниците да ги пријават. Компанијата соопшти дека користи автоматизирани алатки и човечка анализа кога прегледува содржина што може да ги прекрши условите за користење.
Русија/Украина: Креирањето лажни вести стана дел од воениот арсенал
По нападот на Русија врз Украина,социјалната мрежа се бореше со лажни воени содржини што масовно се појавуваа на платформата. На крајот ги забрани клиповите од Русија и воведе етикетирање на државните медиуми.
Пред изборите во САД во ноември, TikTok објави дека забранува собирање средства за политички цели и бара од профилите на владата, политичарите и политичките партии да аплицираат за верификација. Ова е показател дека TikTok вложува повеќе напор за да ги спречи изборните дезинформации и политичкото рекламирање што „се прикрива“ низ инфлуенсерите и покрај забраната.