ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.07.2022
Тоше неискористен потенцијал за промоција на Македонија

Колумна


Тоше Проески и 15 години по смртта останува една од најполарните ѕвезди на Балканот и пошироко. Со самото тоа, тој и по смртта е вистински амбасадор на Македонија, но се чини и понатаму без вистинска стратегија за почитување на неговата мисија, а со тоа и промоција на Македонија.

Охрид деновиве, не баш полни хотели, но навечер чаршијата и центарот преполни. Декорот веќе добро познат – покрај кејот редица дуќани, од лесковачка скара преку американски крофни, трамболини, бокс машини, пуканки и уште којзнае колку и какви „светски специјалитети“. Заедно со луна паркот од кој ечи турбо фолк, вистинска панаѓурска атмосфера. Во самиот центар, традиционалните дуќани со истата понуда со години, како и можноста за фотографирање со змии. Редица дуќани со понуда за охридскиот бисер, уметнички атељеа, прошетка кон стариот град или кон чинарот. Во строгиот центар, и можност да си купите некоја маичка со интересен натпис, илустрација. Тоа е долги години декор кој го имаме, на кој сме навикнати. И не дека дел од оваа понуда (охридскиот бисер, уметничките дела, охридските специјалитети…) не ги афирмира и отсликува Охрид и Македонија ( со исклучок секако на панаѓурската атмосфера која доминира на кејот). Но….

Можностите за промоција неограничени, но и неискористени

Ваков декор има и во многу други градови, кои се обидуваат да имаат свој белег, нешто по што ќе останат во впечатоците на гостите. За она за што сметаме дека во Македонија ни недостасува, а Охрид е вистинското место за тоа, повод ни дава Сараево. Секој што го посетил Сараево, без исклучок отишол во Баш Чаршија. И секој видел дека тој прочуен дел на Сараево едноставно дише во духот на тој град, тоа е срцето на Сараево и на Босна и Херцеговина.

Но, оние пак кои сакаат да понесат со себе уште нешто уникатно, ја бараат и Магаза, продавницата која е специјализирана и во која можете да најдете најразлични производи, брендирани со некаков белег од Дино Мерлин. Маици, инструменти, маски за телефони, што ли уште не, со текстови од песните на Дино Мерлин, со потпис на пејачот… Стотина метри подалеку, ќе наидете и на дуќан во кој можете да најдете производи кои се брендирани со Дубиоза колектив.

Тоше – лик кој може да не промовира, можеби и да не обедини

Кај нас, ако ништо друго, барем Тоше Проески заслужува да има катче во кое ќе може да се купат производи со неговиот лик, со цитати од неговите песни, со неговата музика…. Можностите се неограничени, а со оглед на популарноста која ја има Тоше, повеќе од јасно е дека тоа би бил најпосетен објект, доколку на пример се лоцира во Охрид. Се разбира, кај нас една ваква идеја сигурно ќе наиде на низа сопки – па кој ќе дозволи, па нема да има дозвола, кој ги има правата, па некој ќе сака да ќари нешто, па нормално дури и политиката ќе се вмеша…

Кинезот кој не’ освои со музичките изведби во Пекинг, ни открива од каде потекнува неговата љубов кон песните на Тоше

Но вреди да се проба. Зошто да не се најде разбирање, и државата преку Министерството за култура да исфинансира еден таков проект, кој несомнено ќе биде вистинска промоција, нов момент од сликата за Охрид и Македонија? Дури, сето тоа може да оди и во насока на она што , покрај неверојатниот музички квалитет, беше и најголемата карактерна особина на Тоше – хуманоста. Популарноста на Тоше предизвикува интерес, интересот за такви производи сигурно ќе биде голем, а заработените средства можат да помогнат на многу луѓе на кои им е потребна, и на некој начин ќе се продолжи хуманата мисија која беше белег низ целата кариера на Тоше Проески.

Се разбира, кај нас ништо не може да биде едноставно, па дури и една ваква идеја за жал е тешко да се реализира. Иако би требало да е лесно, доколку сите заборават на личните интереси и ја погледнат поголемата слика.

(Аудио) Силата на еден став
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки