
Центарот за граѓански комуникации го објави годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност. Според извештајот, просечното ниво на транспарентност на Владата, министерствата и општините останува 80 %, исто како и лани. Но, клучните бројки откриваат влошување кај дел од институциите.
Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена и изнесува 84 % (во 2024 година била 86 %). Општините пак останаа на истото ниво од 79 %, без напредок во однос на претходната година.
Загрижувачки податокот, според Центарот за граѓански комуникации, е дека 44 % од институциите ја влошиле својата транспарентност, за разлика од лани кога тоа го сториле само 19 %.
Министерството за одбрана веќе петта година по ред има максимални 100 %, а годинава му се придружи и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Кај општините, за разлика од лани кога пет општини го делеа првото место, годинава само Кавадарци и Кичево задржаа 100 % активна транспарентност.
Регионално гледано, Источниот регион трета година по ред е прв со 88 %, додека Полошкиот регион е последен со 71 %, што е пад во однос на лани (73 %).
И министерствата и општините најмалку објавуваат информации поврзани со финансии – министерствата 58 %, а општините 59 % од можните 100 %.
Забележливо е и големо уназадување кај одговорите на барањата за слободен пристап до информации. Општините годинава одговориле во просек за 21 ден (лани 15), а министерствата за 23 дена (лани 14). Законот предвидува рок од 20 дена, но само 54 % од институциите успеале да одговорат навреме, за разлика од 71 % лани.
Целосните податоци за транспарентноста на секоја институција од 2016 година наваму се достапни на специјалната веб-страница: www.aktivnatransparentnost.mk