
Текстилијада по седми пат се одржува во Штип, под мотото „Текстилна правда, размислување за минатото, замислувајќи ја иднината“.
Повеќе настани во три дена, со акцент на презентација на искуствата од градот Борос, Шведска, ги чинат содржините на овогодишната манифестација на здружението „Гласен текстилец“. Значењето на искуствата од Борос се во момент0от што во тој град текстилната индустрија била на ниски гранки, со сериозни проблеми, но денес сликата е сосема поинаква. Борос е значаен текстилен центар во светски рамки.

Дел од дебатите на настанот ќе бидат посветени и на работничките права, преку темата „Правда, судство и работнички права“.
Кристина Ампева, претседателка на „Гласен текстилец“ изјави дека Текстилијадата од година во година напредува, во секој поглед:
-Мислам дека еволуираме и напредуваме – од бројот и квалитетот на настани, од тоа дека почнавме локално, сега ќе видите дека имаме навистина ио брендови, и гости од Шведска, универзитети, и луѓе, партнери кои навистина сакаат да помогнат и го препознаваат Гласен текстилец како организација. Напредуваме како организација, напредуваме во барањата, во искуствата, и мислам дека сега можеме да помогнеме повеќе и на државата, на текстилната индустрија , не само на работниците, и да најдеме одржливо решение за овој текстилен сектор , бидејќи не сме во состојба да дигнеме раце од истиот.

На прашањето колку државата помага во истиот процес, Ампева рече:
-Иако лани, кога бевме во Борос, Шведска, имавме 12 члена делегација , од министерствата за економија, за труд и социјала, од кабинетот на премиерот, советници на вицепремиерот Битиќи, кои ги повикавме да дојдат овде да ги пречекаат гостите, сепак не можеа да дојдат, што мислам дека е несериозно во најмала рака. Меѓутоа, драго ми е што има позитивен впечаток од страна на делегацијата од Штип која беше во Шведска, гледам дека можеме да се надеваме да делуваме локално, да не се надеваме многу на властите во Скопје. Вие кога сте вицепремиер за економски прашања и три пати по ред одбивате да дојдете во Штип, да кажеме што се случува со текстилната индустрија и со работниците во источниот регион, со одржливоста на овој сектор, мислам дека не треба да очекуваме многу.

Скулптура „Корени на традицијата“
Традиционален поддржувач на активностите на Гласен текстилец и на Текстилијада е Шведска, чија амбасадорка во Македонија, Ами Ларсон Јаин смета дека искуствата од Кралството Шведска можат позитивно да се применат во Македонија:
– Шведска има долга историја на социјален дијалог помеѓу работодавачите, воспоставени правила за пазарот на труд, јасни улоги на работодавачите, работниците и владата. Текстилијада е поддржана од страна на Шведска преку Институтот Олаф Палме, и така придонесуваме за промоција на подобри работни услови и подобрување на социјалниот дијалог. За да покажеме како се направени позитивни примери во Шведска, ќе биде презентиран примерот на градот Борос во Шведска, кој успешно се трансформира од една падната индустрија, текстилен сектор кој имаше сериозни проблеми сега е глобален моден центар. Инвеститорите од Европа го гледаат овој регион како можност за инвестиции, и важен дел од доаѓањето на инвестиции е секако владеењето на правото и здава бизнис клима – ијави Амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаин.