
Со добро конструирани програми, професорите во Институтот за јазици во склоп на Универзитет „Гоце Делчев“-Штип ги подготвуваат странските студенти да го научат македонскиот јазик. Институтот кој работи во рамките на Филолошкиот факултет под раководство на проф.д-р Ранко Младеноски оваа година подготвува околу 300 турски студенти кои веќе од следната година ќе продолжат на некој од факултетите од УГД.

Студенти од Турција
Претежно студентите доаѓаат од Турција и го изучуваат македонскиот јазик од корен , односно според претходно подготвени програми за А1 и А2 ниво ,кои се адаптирани конкретно за нив. Курсот трае 6 месеци и е потребен за да студентите потоа се запишат на еден од факултетите. Во иднина, најголем дел од нив планираат да продолжат на Факултетот за медицински науки.
Според Милена Тасева, професор-предавач по македонски јазик во Институтот за јазици, странските студенти се соочуваат со потешкотии во изучување на јазик во однос на фонолошкиот, морфолошкиот, правописниот и синтаксичкиот систем на нашиот јазик. Сепак, ова е нормално и очекувано за некој што прв пат се соочува со изучување на нов јазик.
„Како странски студенти кои се соочуваат прв пат со јазик дотогаш непознат за нив, понекогаш ме изненадува нивната трудољубивост и упорност, затоа што не е едноставно да се учи јазик од корен, поточно од А1 ниво.“, вели Тасева.

Милена Тасева
Професорката Тасева издвојува дека најголема потешкотија , студентите имаат во поглед на читањето и пишувањето на ракописни букви. Нивниот јазик и турската азбука се многу далечни од македонската , па така многу од гласовите кои ги имаме ние, ги нема кај нив и обратно. Но сепак со постојана комуникација, вежбање и секојдневно користење на јазикот во банка, маркет , аптеки , ресторани, студентите полека се навикнуваат на изговорот.
„Често прават грешки и во однос на правилниот редослед на зборовите или ги грешат синтаксичките правила. Потем, членот како граматичка категорија кај именките и придавките, удвоениот предмет и минатото време со помошниот глагол сум во македонскиот јазик, им се посложени за усвојување. Но, тие сложености се должат на различностите на јазиците и нормално е таквите особености на еден јазик да се потешки за усвојување кај странските студенти и зборувачи воопшто.“, вели Тасева.
Мухамед Џан Дал, еден од странските студенти вели дека ја одбрал Македонија за студирање поради добрата едукација која се нуди. Во поглед на јазикот му било многу тешко за да го научи , но со помош на професорката почнал да се привикнува.

Мухамед Џан Дал и Милена Тасева
Зејнеп Сена Акилли е уште една студентка која одлучила да студира овде, а и таа се помачила со изговорот на јазикот. Со други предизвици и не се соочила во текот на нејзиниот престој овде.

Зејнеп Сена Акилли
„Ја избрав Македонија и конкретно Штип бидејќи е мирно место, а луѓето се многу љубезни. Проблем во текот на изучувањето на македонскиот јазик ми претставуваа исклучоците од правилата во македонската граматика, кои ми беа и најтешки. Но, сепак постојаното зборување со луѓето во Македонија ми помогна да се навикнам на јазикот.“, вели Емир Берке Тургут.

Емир Берке Тургут и Милена Тасева