
Учебната година за основците и средношколците завршува денеска. И покрај сите прогнози и дебатирања дали ќе има пролонгирање, како ќе се надоместат пропуштените часови за време на штрајкот, сепак, продолжување нема ни за час.

Ќе остане прашањето од каква природа беше загриженоста која се демонстрираше за време на штрајкот, кога сите се засекираа како ли ќе за надополни загубеното, ќе има ли работа во сабота, ќе го добијат ли учениците предвиденото со наставната програма…Додуша, пред тие прашања секако беше и прашањето за платите – кој ќе им исплати на наставниците плата за периодот додека штрајкуваа. Денеска, на крајот на учебната година, овие прашања никој не ги поставува. Колку и што загубија учениците за време на штрајкот, надоместено ли е нешто, се постави ли воопшто ова прашање некаде? Дали од ова може да се заклучи дека всушност учебната година може да се реализира и со десетина – дваесет дена помалку? Или пак, сите обвие птрашања беа актуелни и употребливи само додека се водеше политичка борба околу штрајкот, кога беше важно некој да демонстрира грижа за учениците, некој за наставниците (да бидеме на чисто, со сосема легитимно право на наставниците да си бараат права кои сметаат дека им се ускратени).

На крајот, молк. Дали е и волкот сит и овците на број, навистина не е јасно. Грижата за тоа дали учениците ги добиле потребните знаења, дали се реализирани сите часови, заврши изгледа кога заврши штрајкот. Некој дури ќе рече – па што, зарем беше реализирано се кога имаше настава онлајн? Ги „снема“ и групите на социјалните мрежи, каде родители дебатираа, бараа, коментираа…. И така, се ќе се изрелативизира, уште еднаш ќе се покаже дека секоем чудо е за три дена, додека еден ден некој нов попис не исфрли податоци дека имаме толку и толку неписмени, додека некои тестирања не покажат загрижувачко незнаење кај децата…
Настрана од ова, фактите велат дека заоколу 255 илјади основци и средношколци денеска е последниот училиштен ден во учебната 2021/2022. Годината завршува во редовниот термин и покрај одложениот почеток на второто полугодие за десетина дена, поради влошената состојба со КОВИД-19, како и загубените 12 дена од наставата во април додека траеше штрајкот на СОНК.
Учениците во средно ќе се запишуваат онлајн од 10 до 15 јуни
Учебната 2021/2022 почна со физичко присуство за сите ученици. Првпат од затворањето на 11 март 2020 поради пандемијата, училиштата лани во септември беа отворени во нивниот полн капацитет, со примена на соодветни антиковид-протоколи. Учениците ја следеа наставата со заштитни маски до пред околу два месеца кога по препорака на Комисијата за заразни болести оваа мерка за нив веќе не беше задолжителна.
Новина во учебната 2021/2022 беше Концепцијата за основно образование која почна да се применува во прво и четврто одделение. Во наредната 2022/2023 година таа ќе продолжи да се воведува во второ и петто одделение за што Бирото за развој на образованието изработи нови наставни програми. Планот на МОН е етапно да биде воведена во сите одделенија и за пет години деветгодишното основно образование да биде целосно реформирано.
Од утре, 10 јуни, до 15 јуни ќе трае електронското аплицирање за запишување во средните училишта. Новата дигитална услуга која ја воведува Министерството за образование и наука од оваа година, на учениците ќе им заштеди време и ќе бидат избегнати турканици пред училиштата.