Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска денеска, во рамки на кампањата „Бидете херои на чесноста“, беше во посета на основното училиште „26 Јули“ во скопската населба Шуто Оризари.
Како што информираше Ивановска, во спроведените анкети, ученици кажуваат дека често се соочуваат со неправда, со незаслужени оценки во одделението, дека најчесто родителите интервенираат за да се поправат оценките, кажуваат дека имаат притисок од родителите за да бидат секогаш одлични и така натаму.
– Затоа сметаме дека е многу важно да знаат да си градат вредности во себе, да не учат за оценки, туку да учат за знаење и од нив понатаму да произлезат професионалци, коишто ќе го градат ова општество. Тоа е нашата цел, нагласи Ивановска.
Таа подвлече дека родителите се појавуваат како клучни фигури, кои треба да им го осветлат патот на своите деца, покажувајќи дека потпирањето на „врските“ не е траекторијата што ја замислуваме.
Ивановска појасни дека станува збор за кампања што ја спроведуваат во 13 училишта во државата.
– Во моментов сме веќе во петтото училиште и значи ќе продолжиме уште во осум училишта. Ова е последно скопско училиште, а понатаму продолжуваме низ државата, во штипско – кочанскиот, во струмичкиот, охридскиот, тетовскиот регион и така натаму, значи ќе бидат опфатени уште осум училишта. Кампањата е со цел да се доближиме до децата, да видиме со какви проблеми се соочуваат, како ја чувствуваат неправдата. Со еден збор, сакаме да видиме, да им помогнеме ова општествено зло корупција, полесно да го препознаваат, рече Ивановска.
Директорката на училиштето, Бесаре Сејди појасни дека ова училиште е лоцирано во повеќеетнично општество, значи како еден микрокосмос на општеството.