
Денеска, на 10 ноември, се одбележува Светскиот ден на науката – настан што започна да се одбележува во 2001 година од страна на УНЕСКО.
Настанот го одбележаа научните институции и универзитети во Македонија.
Универзитетот „Гоце Делчев“ го одбележа Денот на науката, 10 ноември со доделување на признанија на професорите со највисоки научни достигнувања. На овој начин, УГД потврди дека Денот на науката е одлична можност да се препознае и почитува посветеноста и напорната работа на вработените на универзитетот кои дадоа значителен придонес во светот на науката.

Од одбележувањето на денот на науката на УГД
Денес, во рамки на прославување на Светскиот ден на науката оддаваме признание на најдобрите научници за 2022 година, бидејќи нивната напорна и посветена работа резултираше со голем број на трудови објавени во меѓународни списанија, што не става нас како мал универзитет сепак еден важен дел од вкупната научна продукција. Ова е еден нов чекор на УГД кој покажува дека ќе посвети многу повеќе внимание на активностите поврзани и со научното истражување. Задоволство ми е што меѓу нас имаме научници кои се респектабилни на светско ниво и кои овозможуваат нашата земја да се вклучи во процесите на современото научно работење, кои во основа се дел од нашето секојдневно живеење и ни овозможуваат да живееме со многу поквалитетен, посодржаен и покомфорен и безбеден животен стил- изјави Ректорот на УГД, проф. Д-р Дејан Мираковски
На најдобрите научници и на најдобриот уметник од факултетите на Скопскиот универзитет им беа доделени награди кои им ги врачи ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова.
Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова рече дека довербата во науката го поттикнува развојот и затоа, рече, „мора да градиме доверба кај граѓаните и во општеството за науката што ја продуцираме – тоа е наша задача и обврска“.
-Научниците и општеството треба да работат заедно со цел изнаоѓање нови и подобри начини на поврзување на практиката и употребата на науката за обликување на нашите заедници и нашиот свет. Соработката и транспарентноста меѓу научната заедница и граѓаните ќе придонесат во ова време на неизвесност континуирано да се гради и да се зачувува довербата во науката преку решенија кои ќе доведат до трајни придобивки за јавното добро, рече Ангелова.

Од одбележувањето на денот на науката на УКИМ
Македонското научно друштво-Битола Светскиот ден на науката го одбележува со подарување на дел од својот богат библиотечен фонд на Архив на РСМ- на Одделение во Битола.
Светскиот ден на науката за мир и развој има за цел и да поттикне граѓаните да се информираат за развојот на науката, а ја нагласува и улогата на научниците во проширувањето на нашето разбирање за нашиот планетарен дом, како и во напорите кон што поодржливо општество.
Оваа година Светскиот ден на науката за мир и развој 2023 се одбележува под мотото “Градење доверба во науката”
Како што нагласуваат од УНЕСКО: “Улогата на науката во обликувањето на нашата колективна иднина може да се исполни само кога верувате во науката. Довербата во науката го поттикнува развојот и примената на решенијата засновани врз докази за повеќеслојните предизвици во нашиот свет. Довербата во науката е комплексно прашање. Тоа влијае на начинот на кој работат научниците и начинот на кој науката се перципира во општеството. Исто така, зголемувањето на довербата во науката ги зајакнува одлуките во политиката заснована на науката и поддршката на општеството за нивната примена”.