ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
19.01.2022
Уницеф: Затворањето на училиштата е последна мерка
Автор: Goce Author

УНИЦЕФ смета дека одложувањето на почетокот на учебната година треба да биде мерка од привремен карактер. Затворањето на училиштата за физичко присуство мора да биде последна мерка, изјави претставничката на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ди Џовани.

Фото: UNICEF

Според Патриција Ди Џовани, треба да се вложат сите напори за децата да се вратат во училниците. Според неа, претходните одложувања на почетокот на учебната година биле ретки и изгубеното време за учење било компензирано. Сегашната ситуација, вели Ди Џовани се влошува со долги периоди на затворање на училиштата поради пандемијата.


Влада: Распустот продолжува до 1 февруари


Претставничката на УНИЦЕФ е децидна дека уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата.

„Пред пандемијата на Ковид-19, Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето при што повеќе од половината од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика. Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период“, рече Ди Џовани.

Според неа, ризиците со коишто децата се соочуваат кога се надвор од училиште и понатаму се поголеми од ризиците во училиште. Вели дека долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадиле деценискиот напредок во образованието и го направиле детството непрепознатливо.

Секогаш кога е можно треба да се избегнува затворање на училишта на ниво на целата држава

„Кога се зголемува стапката на заразување со Ковид-19 во заедницата и кога строгите мерки за јавно здравје стануваат неопходност, училиштата мора последни да се затворат, а први да се отворат. Што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени? Општеството и Владата имаат можност да им покажат на децата дека тие се најважниот ресурс на оваа земја така што ќе овозможат училиштата да бидат безбедни и отворени за настава во живо. 2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење. Треба да биде година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност“, категорична е  Ди Џовани.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?