ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.03.2025
Универзитетот „Гоце Делчев“ одбележа 18 години постоење

Со едноминутно молчење во знак на почит кон 59-те млади луѓе кои трагично ги загубија животите во несреќата во Кочани, денеска започна одбележувањето на 18-годишнината од основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Националната трагедија го диктираше тонот на настанот, кој годинава, наместо со голема прослава, се одржа скромно и достоинствено во свечената сала на ректоратот.

„Денес сме овде заедно, на скромен, но достоинствен начин, да го одбележиме 18-годишниот јубилеј на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ – Штип. Иако ова требаше да биде една поголема прослава, неодамнешната голема национална трагедија длабоко го погоди нашиот народ и заедница, и како знак на почит кон жртвите и нивните семејства избравме соодветно да го приспособиме денешниот настан,“ изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Дејан Мираковски – ректор на УГД

Во рамките на церемонијата беа наградени најдобрите студенти од изминатата академска година, кои со својата посветеност и успех ги воодушевија присутните. Ректорот Мираковски им честиташе, истакнувајќи: „Најпрво, би сакал да упатам искрени честитки до нашите најдобри студенти од сите факултети и академии на Универзитетот, кои покажаа сериозна посветеност и се доказ дека вложувањето во знаење води кон извонредност. Вашата напорна работа, упорност и посветеност на вашите студии се вистинска инспирација за сите нас. Вие сте иднината не само на нашиот Универзитет, туку и на нацијата. Ние сме горди на секој од вас.“

Покрај наградите за студентите, беа доделени и дипломи на новите доктори на науки кои ги завршија своите истражувања на УГД, како и признанија и благодарници за соработниците, дел од вработените и пензионираните колеги кои оставиле траен белег во развојот на институцијата.

Женскиот економски форум: Настан посветен на финансиската писменост и заштита од измами
Популарниот Д-Фестивал од годинава се сели во Штип