
Универзитетските медиуми при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип започнуваат нова фаза на својот развој – целосна дигитална трансформација. Овој процес е одговор на најновите медиумски трендови и потребата за модернизација на комуникацијата со младата публика.
Од 2009 година наваму, УГД гради медиумска платформа преку радио, веб-страници, видеопродукција и печатени изданија. Но, последните две години донесоа посебен исчекор: отворање на нова веб-страница – www.goce.mk, креирана од млади за млади. Овој проект носи нов медиумски бренд, модерен дизајн и поголема отвореност за студентите кои сѐ почесто се вклучуваат во продукција и споделување на свои мислења и содржини.
„Универзитетот останува посветен на развој на нови и иновативни медиуми каде што студентите од различни факултети ќе можат да практикуваат новинарство, социјални мрежи, фотографија, видео и графички дизајн, и слободно да го изразуваат својот став“, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Дигиталната трансформација продолжува и со модернизација на Универзитетското радио – УГД ФМ, кое ќе биде достапно преку популарни интернет радио платформи како TuneIn, Radio Garden и Spotify. Радиото ќе се позиционира како канал со 100% македонска музика, а наскоро се најавува и отворање на два нови интернет радиоканали: УГД Класик радио, посветено на џез, класична и сериозна музика и УГД Поп радио, наменето за тинејџери и млади со фокус на популарна музика.
Како дел од дигиталната реформа, универзитетските веб-страници беа редизајнирани за подобра мобилна достапност и поголема транспарентност. Во исто време, „Студентско ехо“, студентскиот весник на УГД, продолжува да се издава во дигитална форма преку Катедрата за медиумски студии.
Со отворена редакција, силна дигитална присутност и поддршка од Универзитетот, медиумскиот систем на УГД станува пример за тоа како академските институции можат да ги следат и поставуваат новите трендови во медиумската комуникација.