
Уверение за државјанство од наредната година граѓаните ќе можат да добијат како електронски документ, а барања за пасош и лична карта ќе може да се поднесуваат по електронски пат.

Од 1 јануари 2023 година граѓаните ќе можат Уверение за државјанство да го добијат и во форма на електронски документ на Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса, а истото може да се докаже и со податоци содржани во Националниот регистар на население.
За ова информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој додава дека од 1 јануари во согласност со измените и дополнувањата на Закон за лична карта, Закон за патни исправи, Закон за лично име, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, граѓаните ќе може да поднесат барање и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги за издавање на лична карта и пасош.
„Во постапки определени со закон, како што е прибавување на доказ за објава во Службен Весник за загубена лична карта, истиот го прибавува МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност. МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ“, информира министерот Спасовски.

Министерот за внатрешни работи потсетува дека дигитализацијата е направена со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите. Законските измени беа усвоени од Собранието на РСМ во март годинава.
Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, министерот Оливер Спасовски информира дека се формирани работни групи во Министерството кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР, Тоа се повеќе закони – за безбедност на сообраќајот на патиштата, Закон за оружјето, Закон за детективската дејност, Закон за странци, Закон за полиција, Закон за меѓународна и привремена заштита, Закон за заштита од експлозивни материи, Закон за следење на комуникациите, Закон за прометот на експлозивни материи и Закон за приватно обезбедување.