ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.12.2021
„Василие и дедо мраз“ – сликовница создадена од дете за децата

Детската имагинација и чистата искреност,  искомбинирани со љубовта кон пишаниот збор и умешноста за креирање илустрации, можат да создадат уметничко дело.

Сликовницата со боенка, „Василие и Дедо Мраз“, започнува да се создава од поттикот на сега веќе осумгодишниот Војдан, да раскаже новогодишна приказна.

,,Хронотопот е битен во секоја една приказна, па така и во оваа на Милена и Војдан, или подобро на Војдан и Милена (зашто да ја немало страста во главата на Војдан за измислување свои сказни, можеби, и Милена немало воопшто да го ислуша своето синче, а уште помалку и да се охрабри да ја за/напише онака како што во далечните времиња Марко Цепенков ги слушаше приказните, а потоа ги за/допишуваше и дообликуваше колку како народни, толку и како свои). Главниот лик, Василие, е од некоја ,друга’ земја, а времето е пред крајот на старата во очекување на новата година и во амбиент скоро идиличен (како во романите за деца ,Хајди’ или ,Бојан’). Читањето приказни на децата, од мали нозе, е посебно важно”, истакнува рецензентката на оваа книга, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, експерт по литература за деца.


Преку блог до успех


Текстот е од дете за децата, запишан и дополнет од возрасен, од неговата мајка, Милена Ристова –  Михајловска, илустриран од ликовната уметничка, Анастасија Петрова.

,,Уште пред неколку години кога Војдан одеше во градинка, од учителката Гонца Шуманска добивме задолжение да направиме сликовница. Место само да изрежеме и исцртаме сликички со новогодишни мотиви, ние ,по грешка’ измисливме приказна. Војдан раскажуваше, јас запишував. Војдан прашуваше, јас одговорав. Приказната стоеше на хартија неколку години, сè додека нашата соработничка, Анастасија Петрова, не го оживеа текстот со своите илустрации”, вели Милена Ристова-Михајловска, една од авторите на текстот.

Никола Карагунов е креатор на дигиталниот дизајн, а Анастасија Петрова – автор на проектот и илустратор.

„Особено сум благодарна што токму мене ми е доверена детската приказна за визуелно откривање и илустрирање. За првпат, создадовме ликовно – литературно дело за најискрената публика – децата. Кога бев мала, место играчки, сакав да ми купуваат сликовници, а денес и јас сум илустратор на едно такво дело за деца“, истакнува Петрова.

Авторите внимавале на секој детаљ и неколкупати ѝ се навраќале на работната верзија, но, еве, сега веќе сликовницата со боенка стасува и до читателската публика.

„Многу се израдував кога мојата наставничка Надица Петрова за време на часот по македонски јазик ги поттикна моите другарчиња од одделението да разговараат за ликовите во книгата. Така, заедно читавме и се запознавме со Василие. Кој како ја добива книгата, така ни праќа убави коментари. Добиваме и  фотографии како децата ја читаат или бојат. Синоќа ми пратија слики од Струмица каде мојот другар Константин Андонов ја чита книгата со своите другарчиња на кои баш вчера Дедо Мраз им ја однел книгата”, со насмевка вели Војдан Михајловски, ученик во трето одделение во ООУ ,,Димитар Влахов” во Штип.

Со читање од мали нозе се трасира патот за детето да ја засака книгата и потоа таа да му стане животна потреба и во подоцнежните години.

,,Од мали нозе се читаат  сликовници и сликовници-книги зашто преку нив детето почнува да го развива чувството за потреба од слушање, кое во поголема возраст прераснува во потреба за (самостојно) читање. А токму сликовницата ја игра големата улога на претходница на книгата за деца и на книгата воопшто. Токму таква сликовница-книга е и оваа”, дополнува проф. д-р Мојсова – Чепишиевска во рецензијата.

,,Василие и Дедо Мраз” не е само обична сликовница со боенка, туку и поттик за децата да го напишат своето писмо со желби во неа. На нејзините страници можат да се видат: илустрирана бајка, дел за боење, интеракција, образец за писмо до Дедо Мраз, приказни во приказни и ликови што на прв поглед ќе ве освојат.


„Коските на срцето“ – книга на годината


Ова е прво дело за Војдан, прва книга (од возрасен) за деца од Милена и прв авторски проект за Петрова.  За сите заедно – уште едно парче душа на хартија, но и стимул за уште многу заеднички дела со кои, како што вели Ристова-Михајловска, ќе продолжат да ги обојуваат  текстовите и да ги разглаголуваат илустрациите.

Имено, авторите оваа сликовница ја посветуваат на писателот за деца Киро Донев во знак на изминатите 54 години од објавувањето на неговата прва збирка поезија и 33 успешни години од објавувањето на неговата прва сликовница.

Промоцијата е предвидено да се реализира близу Василица, именденот на главниот лик.

Проектот е од национален интерес и е поддржан од Министерството за култура на Р. С. Македонија.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
По полициската акција се огласија од УГД: Целосно соработуваме со ОЈО и МВР