
По повод мај- месецот на Менталното здравје, младите ќе имаат можност да научат повеќе за терапевтскиот пристап користен кај анксиозноста преку вебинарот „Мајндфулнес интегриран во КБТ/РЕБТ тераписки третман на анксиозност кај млади“.
Во организација на КБТ и Невронауки Хаб-СОМА и Македонската Американска Алумни Асоцијација (МААА), како и Факултетското студентско собрание (ФСС) на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип , вебинарот ќе се одржи на 19.05.2023 год. со почеток од 18:00 ч. на платформата Microsoft Teams, од страна на проф. д-р Ленче Милошева, редовен професор на ФМН и член на МААА.
Цел на настанот е одбележување на месецот на менталното здравје и подигнување на свесноста за менталното здравје и борба против стигмата.
Настанот е наменет за студенти, специјализанти и докторанди на Универзитет „Гоце Делчев“- Штип, како втора активност од добиениот грант на проф. д-р Ленче Милошева,член на МААА: „The Youth Mental Health Project: Understanding & Supporting Youth Mental Health through the lens of CBT (Cognitive-behavioral therapy) and Neuroscience“, поддржан од Aмериканската амбасада во Скопје и во рамки на поголем проект насловен „Alumni encouraging community services and extracurricular activities“.
Линк за пријава: https://forms.gle/5oo3eTizgGcvtj4z8
Во рамки на проектот е и основањето на КБТ и Невронауки Хабот во соработка со СОМА, првиот од ваков тип во регионот, наменет за сите млади кои сакат да членуваат.
Со иницијативата „од млади за млади“, Хабот на Проф. Милошева има за цел поголема едукација на младите, студентите и сите оние заинтересирани за менталното здравје и за КБТ психотерапијата.
На ваквата идеја Професорката дошла за време на својот престој во САД, каде се практикувал КБТ третманот особено кај адолесценти. Својата долгогодишна соработка со СОМА ја искористила токму за да ги мотивира студентите да ги прошират своите видици во поглед на менталното здравје.
„Ќе понудиме различни научни активности чија цел е да ги зајакнеме и подобриме нашите меѓусебни интеракции со врсниците, семејствата, да ја зајакнеме резилентноста, да научиме нови адаптивни КБТ техники и стратегии да се справуваме со животни потешкотии, со стрес, булинг, испитна анксиозност, депресивност и разни други потешкотии кои се присутни во нашиот студентски живот. Накратко, би кажал да стекнеме нови знаења и развиеме нови КБТ вештини и ресурси кои ни се потребни да го заштитиме менталното здравје, да ја зголемиме превенцијата, како и благосостојбата на младите.“, вели Стефан Мишовски, претседател на Хабот и студент на ФМН при УГД.
Студентите и Професорката најавуваат низа на активности кои вклучуваат поддршка помеѓу студентите, анти булинг програми, поврзување со специјализантите и докторандите од нашиот Универзитет, научни активности, подготовка на научни трудови за конгреси и објавување. Вратите на Хабот се отворени за сите оние кои сакаат да бидат членови и волонтери и да се надоградат во областа на менталното здравје.