Велигден е еден од најзначајните празници во христијанската вероисповед. Па, по повод овој празник, на локално ниво се организираат бројни настани за да се одбележи мирот и спокој кој го носи Велигден.
Многу од настаните се со хуманитарен карактер, а останатите ја истакнуваат креативноста и слогата меѓу сограѓаните.
Групата Хуманитарни акции во Македонија по повод празникот додели 400 посни оброци на загрозените категории како и пакети со облека. Според хуманитарците, целта на настанот е да се згреат што повеќе срца под мотото “Заедно сме посилни”.
Школата за уметност и ракотворење ,,Нова визија” при Академија ЕУРОАРТ, организира ликовни работилници за своите членови. Целта е да се сплотат членовите и да насликаат дела инспирирани од празникот Велигден. Дом на млади пак, организира Велигденско градско матине, настан кој ќе ги забавува жителите на Штип со настап на локални артисти.
Во Скопје, се организира Велигденски базар инициран од дечиња од трето одделение, каде ќе имаат за можност да ги изложат на продажба своите изработки.
Туристичките агенции и оваа година излегоа со многубројни понуди за оние кои сакаат да го празнуваат Велигден на поинаков начин, истражувајќи нови предели и култури. Најпопуларни понуди се патувањата до Истанбул, Рим и Египет. Секако, овде се и организираните тури за планинарење и посетување на манастири во Македонија.
Можности и настани за празнувањето на Велигден има многу, сепак најважни се мирот и доброто расположение за време на празниците.