ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.09.2025
Вештачката интелигенција влегува во училниците: нов водич за ученици и наставници

Вештачката интелигенција (ВИ) веќе не е само тема за ИТ ентузијасти – таа од оваа учебна година ќе биде дел и од училиштата во Македонија. Денеска во Министерството за образование и наука беше промовиран „Водич за вештачка интелигенција“, изработен во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Фото: МОН

Што значи ова за младите?

Пред сè, дека ВИ ќе се користи како алатка за учење, истражување, создавање содржини и дури за музика и уметност. Водичот, кој има 120 страници, нуди практични совети за тоа како учениците може паметно и етички да ги користат најпознатите алатки – од решавање математички задачи, преку пишување есеи и анализи, па сè до креирање мултимедија.

Министерката за образование, Весна Јаневска, порача дека ова е „нужен чекор во дигиталната трансформација на образованието“. Таа истакна дека наставниците ќе учат како да ги пренесат придобивките и ризиците од користењето на ВИ, а учениците ќе добијат насоки како да ја користат безбедно и со почитување на авторските права.

Деканот на Факултетот за информатика при УГД, проф. д-р Сашо Коцески, додаде: „Едукацијата е најдобра превенција. Најдобро е да се едуцираат децата, но и наставниците, затоа што децата веќе имаат пристап до вештачката интелигенција.“

Она што го прави овој водич интересен за младите е тоа што не е напишан на „сув академски јазик“, туку како прирачник кој секој може да го разбере. Во него има примери за тоа како алатките базирани на ВИ да се користат во конкретни предмети, но и совети како да се препознаат манипулации, дезинформации или злоупотреби на приватноста.

Покрај тоа, во документот се даден преглед на над 70 алатки што можат да ви помогнат да учите побрзо, да правите покреативни проекти и да ги користите технологиите на поодговорен начин.

Преку овој водич, ВИ добива сосема ново место во образованието – не како закана, туку како можност за сите млади кои сакаат да научат повеќе и да бидат чекор пред времето.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?