Македонското новинарство живее години на сериозни предизвици, кои се закануваат да го внесат во длабока криза (која веќе и го има зафатено). Огромно влијание на политиката во новинарството, медиуми кои зависат од државни или општински пари и се претворени во мегафони на градоначалниците, министрите, јавните претпријатија, слабо платени и вреднувани новинари, и соодветно на тоа мал интерес од младите да влезат во новинарските води.
Во таква ситуација, светлите точки на македонското новинарство ги прават истражувачките стории кои се објавени во последните неколку години, и кои на јавноста и понудија информации за сериозни прекршувања на закони, за криминал, корупција…
Еден момент од целата оваа приказна за истражувачкото новинарство во Македонија и токму за овие стории кои предизвикаа голем интерес во јавноста, е дека значителен дел од нив се дело на жени. Ова беше доволен повод goce.mk да направи серијал во кој преку видео приказни ќе ги претстави новинарките кои оставија белег во македонското новинарство и кои и понатаму истражуваат, им даваат на граѓаните информации кои треба да им помогнат да донесуваат одлуки кои ќе бидат во нивен интерес.
Прва во серијалот видео приказни е Сашка Цветковска, новинарка која е дел од ИРЛ (Истражувачка репортерска лабораторија), која наметна нов стандардни во начинот на третирање на важните теми за граѓаните и општеството, а уште повеќе и нови стандарди во начинот на пренесување на тие информации до публиката, граѓаните…
Во видео приказната посветена на Сашка, ќе дознаете зошто Сашка Цветковска новинарката ја победи Сашка Цветковска , зошто ИРЛ одлучиле да пишуваат не за „шесторазредни политичари“, туку за криминалот на бизнисмените, како е да се живее со притисоци и закани, како е да се биде жена во медиумскиот бизнис…..