
Една од најдолгите традиции поврзани со новогодишните празници, можеби и најубавите, кога станува бор за музиката, секако е традиционалниот Новогодишен концерт на Виенската филхармонија. Тој неизбежен дел од првиот ден во новата година не остана имун на Ковид пандемијата, па минатата година се одржа без присуство на публика. Годинава, публика сепак ќе има, но со строги ковид протоколи, и максимум до 1000 лица.
Виенската филхармонија објави дека оние кои сакаат да присуствуваат мора да бидат вакцинирани или излечени од Ковид-19 и мора да имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа. Исто така, за време на концертот, кој директно се пренесува на сите континенти на светот, тие ќе мора да носат маска ФФП2.
Сите кои успеале да купат билети за новогодишниот концерт, а не можат да присуствуваат поради ограничениот број на публика, станува збор за околу 700 луѓе, ќе можат да присуствуваат следната година. Ова правило ќе важи и за следните два традиционални концерта кои ќе се одржат на 30 и 31 декември.
„Иако епидемиолошки мерки претставуваат посебен предизвик и бараат висок степен на разбирање и адаптација, драго ни е што новогодишниот концерт на овој начин може да се одржи заедно со јавноста. За сите оние кои поради намалениот број седишта нема да можат да го следат концертот во живо, ќе биде резервирано место за концертот следната година“, соопштија од Виенската филхармонија.
Даниел Баренбоим
Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија 2022 година се одржува на 1 јануари 2022 година, под диригентската палка на Даниел Баренбоим во Златната сала на Музиквераин во Виена. Блиското музичко партнерство на Даниел Баренбоим со Виенската филхармонија започна во 1965 година. По 2009 и 2014 година, ова е третпат Баренбоим да го диригира овој престижен настан.
Новогодишниот концерт во 2022 година ќе се емитува во над 90 земји и ќе го следат милиони телевизиски гледачи ширум светот.