
Ѕвездата му удри шлаканица на Рок во лице на бината откако комичарот се пошегува на сметка на сопругата на актерот, Џејда Пинкет Смит.
Набргу потоа, Смит го доби првиот Оскар во кариерата играјќи го таткото на тениските легенди Венера и Серена Вилијамс во „Кинг Ричард“.
„Насилството во сите негови форми е отровно и деструктивно“, рече Смит во изјавата, објавена на Инстаграм.
„Моето однесување на синоќешното доделување на Оскарите беше неприфатливо и неоправдано. Шегите на моја сметка се дел од работата, но шегата за здравствената состојба на Џејда беше премногу за да ја поднесам и реагирав емотивно.“
Смит му се извини директно на Рок, изјавувајќи дека е „претерал“. Тој им се извини и на Академијата и на семејството Вилијамс.
„Длабоко жалам што моето однесување го извалка она што инаку беше прекрасно патување за сите нас“, напиша тој.
Пред извинувањето на Смит, организацијата што стои зад Оскарите во соопштение рече дека ги „осудува постапките“ на Смит.
„Официјално покренавме формална истрага околу инцидентот и ќе размислиме за понатамошните дејствија и последици во согласност со нашите подзаконски акти, стандарди за однесување и законите во Калифорнија“, се вели во соопштението.
Некои сугерираат дека и Рок треба да ѝ се извини на Џејда, но многумина тврдат дека работата на комичарите е да забавно да „боцкаат“.
Изјавата на Вил Смит напишана со крајно внимание
Вил Смит и неговиот тим за односи со јавноста се надеваат дека неговото извинување ќе биде доволно за да ја спаси неговата кариера и неговиот однос со Академијата и да го изгаси жарот на публицитетот околу кавгата во неделата вечер.
Неговата изјава е напишана со крајно внимание, вели Би-би-си. Смит е внимателен со својот вокабулар, објаснувајќи зошто реагирал така како што реагирал, без да се обидува да се оправда.
Но неговото извинување не значи дека оваа приказна е завршена. Покрај сѐ друго, и Рок на крај ќе мора јавно да даде коментар. Досегашните знаци укажуваат дека тој има намера да ја отфрли епизодата со добар хумор.
Комичарот одби да поднесе пријава во полиција, а беше објавено дека по ударот се пошегувал зад сцената: „Ова е единствениот пат кога те удира Мухамед Али и не остава гребнатинка“, мислејќи на улогата на Смит во биографскиот филм на боксерот.
Некои сугерираа дека Оскарот на Вил Смит може да биде одземен, но тоа е малку веројатно. Тој сепак би можел да добие поблага санкција како што е суспендирање на членството во Академијата, но тоа сега можеби е помалку веројатно по неговото извинување.