
Во недела на скопските улици ќе се одржи 21. издание на Виз Ер Скопски маратон, со рекордни над 14.000 учесници. Учесниците доаѓаат од 58 земји ширум светот, а најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници. Интересно е дека третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било случај. Во маратонската и полумаратонската трка, пак, поголем дел од учесниците се мажи.

На пресот пред маратонот беше истакнато дека поради зголемениот број учесници, годинава стартот на трката на 5 километри (почеток 8:00 часот) ќе биде поместен на семафорите кај Црвен крст, на булевар „11 Октомври“ во правец на Кисела Вода. Патеката останува иста, но со оваа измена ќе се избегне моментот на тесно грло и разминување на натпреварувачите и ќе се овозможи маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка, во 8:05 часот комотно да ја стартуваат својата трка.
Во рамките на ова издание ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ги зголемува важноста и престижот на настанот. Долж целата патека ќе има 26 музички точки кои ќе создадат уникатна атмосфера за тркачите и навивачите, а на секои 850 метри ќе бидат поставени освежителни станици со вода, електролити, овошје, маслинки, шеќер и други потребни продукти за тркачите.

Директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски изјави дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот.
„Оваа година се пријавени повеќе од 14.000 учесници од рекордни 58 држави, што е апсолутен рекорд, а особено радува фактот што на трката на 5 километри, со над 10.000 учесници, третпат по ред доминираат жени. Тоа е јасен показател за големиот интерес кај дамите за рекреативното трчање. Од друга страна, кај маратонската и полумаратонската трка и натаму доминираат мажи. Во маратонската трка ќе учествува и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски, кој ќе биде еден од фаворитите заедно со Кенијците и атлетичарите од Балканот. Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје во недела ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот,“ изјави Синадиновски.
Wizz Air маратон: Студентите од Штип можат да трчаат како тим на УГД – пријавувањето е започнато
Во рамките на Виз Ер Маратон Експо 2025, стартните пакети за учесниците се издаваат на 2, 3 и 4 октомври (четврток, петок и сабота) во шопинг центарот Diamond Mall, во период од 10:00 до 20:00 часот. Стартниот пакет може да се подигне лично или друго лице да го стори тоа во име на учесникот. При подигањето задолжително е да се приложи QR кодот кој е биде испратен на е-маил или копија од важечки документ за лична идентификација (лична карта или пасош за странските учесници). Организаторите потсетуваат дека на денот на трката – 5 октомври 2025 година – нема да има можност за подигање на стартни пакети.