ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.05.2026
Влијанието на студентските домови врз студентскиот стандард

     Како форма на колективно домување, студентските домови се простор каде се обединуваат индивидуи од различни места и заеднички стекнуваат навики за живеење, градење на меѓусебни односи и вештини за самостојно живеење. Штип  како универзитетски град привлекува студенти од различни градови во Македонија кадешто е неопходно да постои посебен државен дом наменет само за студенти. 

Анастасија Цветановска

      Анастасија Цветановска која веќе долго време живее во државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ – Штип посочува дека заинтересираноста на студентите е многу поголема отколку сместувачките капацитети. 

     „Досега не сум имала проблем за добивање на место во домот. Но, бидејќи има само еден државен дом во Штип, многу студенти кои сакале да бидат сместени таму се префрлени во приватните домови. Малку места има во државниот студентски дом, а премногу студенти кои сакаат да бидат сместени. Неопходен е посебен државен студентски дом само за студенти, без мешање со средношколци.“, вели Анастасија.  

Студентите од УКИМ бараат лифтови, топла вода и подобри услови во домовите

Студентските домови се тест за самостоен живот за младите

    Честопати во јавноста е прикажана состојбата во студентските домови ширум Македонија посочувајќи се на предизвиците со кои се соочуваат студентите, условите во кои живеат и каква храна конзумираат. Кога еден студент веќе повеќе време живее во студентски дом за него условите стануваат нормални, но тоа не значи дека тие се на задоволително ниво, туку претставуваат континуиран предизвик кои тие се обидуваат да го надминат. 

      „Долго сум во домот, па условите за мене се во ред.  Во соба сме по 6 студенти, а собите не се многу големи. За студентите кои првпат престојуваат во дом, тоа е голем предизвик. Не е лесна промената од живеење во своја соба до делење на една соба со уште пет студентки, секоја со своја рутина и карактер, но со времето се навикнуваш на компромис и заеднички живот.

Делењето на тоалет е исто така еден од проблемите. Домот, односно хигиеничарките, го чистат тоалетот секое утро, но хигиената сепак не е задоволителна. Не знам која е точната причина.

Сметам дека многу од станарите не се грижат за општата хигиена и не средуваат по себе. Квалитет на храна е во ред, се почесто добиваме и овошје со оброците, а понекогаш салата, цвекло или кисели краставички како додаток.

Мене проблемот не ми е со квалитетот на храната, туку со повторувањето на истите оброци секоја недела. Бидејќи сум долго во домот, репетивноста на оброци ми го намалува апетитот.“, вели Анастасија. 

Не е лесна промената од живеење во своја соба до делење на една соба со уште пет студентки

     Со тоа што капацитетите се ограничени, дел од студентите одлучуваат да живеат во изнајмен стан што носи поголеми финансиски трошоци, започнувајќи од киријата до режиските трошоци и храната.  

Студентите полесно со авион низ светот од со автобус низ Македонија

      „Според мене поисплатлив е студентскиот дом, помалку трошоци, помалку одговорности, повеќе дружба. Секако дека е поевтино, барем во државниот студентски дом, во цената имаш храна, вода и струја. Без разлика колку ги користиш услугите, цената е таа.

      Во стан сам си средуваш за оброци и внимаваш колку вода и струја трошиш, бидејќи колку трошиш – толку плаќаш. Сепак, во домот живееш со многу повеќе студенти, па ако не можеш да издржиш постојана галама и не можеш да учиш ако не е тотална тишина, можеби станот е подобар избор. Во домот ретко има апсолутна тишина поради бројот на луѓе кои постојано се движат.“, вели Анастасија. 

Македонскиот јазик: да се „озакони“ за да знаеме дека постои?
Младите, интернетот и јазикот – каде оди писменоста?