
Селото Шлегово е сместено во подножјето на планината Плавица, во јужниот дел од Општина Кратово. Сместено е од двете страни на регионалниот пат од Кратово кон Пробиштип.
Селото е од збиен тип, има уште два три занаети кои опстојуваат денес.
Според кажувањата и верувањата на мештаните, на местото на Шлегово имало рударска населба уште од римско време, а денешното името на Шлегово речиси сите го поврзуваат со старото германско племе Шлези кои тука биле дојдени да ја експлоатираат богатата руда со олово, цинк и благородни метали, а особено злато и сребро. Докази за ова се многубројните остатоци од рударски јами кои се наоѓаат на целиот рид на Плавица која поради присуството на злато тука е позната и под името Златица. Во 1689 година во денешно Шлегово живееле деветнаесет фамилии по потекло од Германија наречени шлези. Тие ја заборавиле својата култура и јазик и не сакале да се вратат во родната земја, па останале во денешно Шлегово . Ден денес можат да се сретнат имиња кои се користат, како Јанков, Зошка , Маришка. Пронајдени се и монети од 1582 година останати од крал Стефан.

Покрај благородни метали тука постои еден таен јазик наречен фурнички говор. Вакви говори постојат и во кривопаланечкиот предел познат како ластовичарски јазик. Вевчани исто така има свој говор. Покрај дијалектите кои постојат во секој дел од Македонија, постојат и тајни говори. Досега се регистрирани околу седум тајни говори, но за фурничкиот говор постојат записи кои се чуваат во Санктпетерзбург во одделот за стара литература, меѓу народот познат како мајсторски јазик, а во литературата се среќава како шатровачки јазик. Овој говор е единствен кој што нема броеви, кога се во прашање пари или општи пресметки се користат синоними, на пример кога мајсторите се договарале за дневница го користеле поимот шарени наместо денешните денари.
За овој таен говор ни раскажа Стевче Доневски кој потекнува од занаетчиска фамилија од село Шлегово.

Стевче Доневски
Во 1980 учителот Илија Китановски има соберено записи и ги има објавено во книга за тајниот фурнички говор. Денес овој говор полека се заборава, Стевче вели: ,,Ако за некоја година не се пренесе овј говор на некој од помладите он ќе изумре и ќе га забравемо.’’
Уште десетина луѓе го сеќаваат и можат течно да разговараат меѓу себе, останатите од помладата генерација знаат само по некој збор:
,,Е’дн воловски ѕид подразбира една мајсторска дневница односно илјада денари. Овј говор га користиле најчесто мајсторите, а после останал да се користе од постарите мештани и у секојдневието. Мајсторите за да не ги разбере газдата на куќата што гу градат они си правиле муабет на фурнички. За сирење кажувале ќоше, виното е шантре, ракија – богоројчина с’лза. Ќе гурамо ќе фурамо на куќата на клинкачката, овој значи дека мајсторите ќе започнат да работат. Кога се договараат за ручек се договараат со: ќе има теново и ќоше со шантре, односно ќе има месо и сирење со вино. Корчо значи дека газдата е богат. Рајко жеже – сонцето пече, праве топло.’’.

Еве неколку реченици на фурнички говор за кој можете да дознаете повеќе доколку ја посетете етно куќата кај Стевче во Кратово каде што стои книгата со записите од овој говор.
Мане дека ќе гураш? Киду по зезливи. (Каде ќе одиш? Ќе одам по дрва.)
Гурам маме теглиџите форат смрдливљо тврд кора. (Кромидот нема цена)
Корчо гогирал. Сентре апсикое. (Газдата донесел многу убаво вино)
Ќе гурам да леву блеанка. (Ќе одам да купам јагне)
Ќе гурам да левам ќоше и посногска. (Ќе одам да купам сирење и урда)
Ќе гурам да левам гавци и бормози (Ќе одам да купам ораси и компири)
Мановка е нагазена. (Комшивката е бремена)
Цоцките одгура дремлта напева? (Кој ги чува децата?)
Дремла знаа цоцки деца. (Снаата многу зборе)
Село Шлегово е познато по доброто црвено вино и шлеговскиот тутун, но Стевче и мештаните тврдат дека за прв пат тука започнало правењето на деликатесот наречен пастрамајка со овчо месо, а подоцна рецептот е превземан и изменет од другите градови во Македонија. Додека Штипјани и Велешани се во расправија кој прв ја направил пастрамајлијата, во Кратово можете да се нагостите со домашни пастрамајка и црвено вино и една лута пиперка.