ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.12.2023
Во Македонија недостигаат 52 тимови за итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум
Автор: Goce Author

Во земјава вкупно недостигаат 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.

Иако последниот попис на населението покажа помал број жители во земјава, а со тоа и помалку потребни минимум екипи на итната помош, сепак на половина од вкупно 33-те служби за итна медицинска помош во земјава им недостигаат вакви тимови за да се запази законскиот минимум.


  • Најмногу тимови, 18 недостигаат во Скопје, Битола има 4 повеќе од минимум потребните.
  • За последните 8 години, бројот на тимови за итна медицинска помош е намален за 22.
  • Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните.
  • Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно.
  • Во една смена на итната помош некаде има по 2, на други места по 50 интервенции.
  • Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди.

Во моментов земјава располага со 258 тимови за итна медицинска помош и овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Така, во однос на состојбата во 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.

Инаку, Уредбата за мрежата на итна медицинска помош утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош. Доколку здравствениот дом покрива повеќе од 30.000 жители, тогаш треба да има најмалку по еден дополнителен тим на секои дополнителни 10.000 жители.

Некаде има само по 2, а на други места и по повеќе од 50 интервенции во една смена

Тимовите за итна помош работат во смени, најчесто во две смени по 12 часа или во три по 8 часа секоја смена. Еден тим се состои најчесто од доктор, сестра и возач. Но, освен во Скопје, каде има 9 тимови во една смена, во сите други градови има само по еден или два тима во една смена, освен Битола каде постојано има 3 тимови.

Во интервенции спаѓаат не само оние на итната медицинска помош, туку и на домашната посета и интервенции во дежурната служба.

Скопје, како најголем здравствен центар, има и најмногу интервенции на службата на итна медицинска помош – околу 150.000 годишно или 404 просечно дневно. Но, од сите други градови, според бројот на интервенции отскокнува Велес каде во 2022 година имало дури 59.000 интервенции или просечно по 162 интервенции дневно.

Но, од анализата на бројките, обезбедени директно од секој од здравствените домови преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, произлегуваат и други сознанија.

Најмногу интервенции просечно по еден тим има во Радовиш – дури 51 интервенција во текот на една смена од 12 часа. Следува Струмица каде во една смена просечно има по 46 интервенции и Велес со просечно 40 интервенции во една смена. Спротивно, во Ростуше има само по една интервенција во еден и пол ден и во Виница каде има само по две интервенции во смена.

Сепак, спрема вкупниот број жители, најмногу интервенции службата за итна медицинска помош има во Вевчани, просечно по 8 интервенции на секој жител годишно. Или, здравствениот центар кој покрива околу 2.300 жители, годишно има речиси 19.000 интервенции.

Не се води евиденција колку повици за барање на брза помош се добиваат, а на колку се оди

Кога станува збор за интервенциите само на итната или „брзата“ помош, најмногу такви интервенции, во однос на бројот на жители, неспоредливо има Вевчани. Следат Охрид, Кратово, Велес, Штип и Кавадарци. Спротивно, најмалку интервенции на брзата помош, во однос на бројот на жители, има во Македонски Брод, Тетово, Делчево и Македонска Каменица.

Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа.

Извор:  Aнализата и базата на податоци се од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за капацитетите на итната медицинска помош во земјава. Целото истражување може да се види на следниот линк.

 

Здравствени политики за сите
Институционалното насилство врз трансродовите лица сериозен проблем