ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
12.02.2025
Во Штип ќе се одржи интернационален студентски конгрес на Општа медицина

Студентите на Факултетот за медицински науки  од насоката Општа медицина при Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип  (УГД) го организираат Четвртиот интернационален студентски конгрес на Oпшта медицина, кој ќе се одржи од 15 до 17 мај во Мултимедијалниот центар-УГД Штип.

Конгресот ќе собере студенти, млади лекари, истражувачи и експерти од различни земји, нудејќи платформа за размена на знаења, научни трудови и искуства од областа на медицината. Настанот претставува значајна можност за студентите да ги презентираат своите истражувања, да учествуваат во работилници и да се вмрежат со колеги и професионалци од медицинската заедница од регионот и пошироко.

Организаторите нагласуваат дека конгресот е важен чекор кон унапредување на медицинската наука и меѓународната соработка:

„Со големо задоволство го организираме Четвртиот интернационален студентски конгрес на Општа медицина, кој претставува платформа за размена на знаења, идеи и искуства меѓу идните лекари и медицински професионалци. Нашата цел е да поттикнеме научна дискусија и меѓународна соработка, што ќе придонесе за подигнување на квалитетот на медицинската едукација и здравствената заштита. Очекуваме динамична програма со предавања од истакнати експерти, работилници и можности за вмрежување, и ги повикуваме сите заинтересирани студенти и професионалци да ни се придружат во Штип од 15 до 17 мај.“

Настанот ќе понуди богата програма со предавања од реномирани професори, панел-дискусии и интерактивни сесии, кои ќе опфатат актуелни теми од медицината и здравствената заштита.

Организаторите ги повикуваат сите заинтересирани студенти од државата, но и од регионот да се пријават како активни учесници презентирајќи свои истражувања и трудови. За таа цел, распишан е повик за пријава на апстракти со рок до 21.3.2025.

Пријавувањето за учество е веќе отворено, а повеќе информации заинтересираните можат да добијат преку официјалните канали на конгресот

Јавна трибина „Штип сака кошарка“
Отворен првиот Европски дигитален иновациски хаб – ИНОФЕИТ ЕДИХ