
Министерството за образование и наука објави нов повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк, откако претходно месецов беа донесени законските измени со кои се прошири опфатот на студенти кои имаат право на субвенциониран студентски оброк.
Согласно законските измени, право на субвенциониран оброк сега имаат редовни студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии, како и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава, кои се македонски државјани и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.
Со други зборови, повеќе не е услов студентите да не се во редовен работен однос и да не се регистрирани како индивидуални земјоделци.
Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, можат да поднесат апликација електронски преку порталот „е-услуги“, најдоцна до 16. април (среда).
Од МОН информираат дека од секој 1-ви до 5-ти во месецот за секој месец од академската 2024/2025 година ќе тече рокот за пријавување на студентите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.
Сите студенти кои го оствариле правото на студентски оброк ќе почнат да ги примаат средствата во месецот што следува по завршувањето на месецот во кој се пријавиле за правото на студентски оброк.
Студентите кои имаат потреба од поддршка при аплицирањето, може да се обратат на следнава адреса: subvencioniran.obrok@mon.gov.mk.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота. Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од понеделник до сабота не го искористи правото на субвенциониран студентски оброк, износот од субвенционираниот студентски оброк му е достапен на користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со сабота. Правото за субвенциониран студентски оброк корисникот не може да го остварува во периодот од 1 јули до 1 октомври во годината во која се стекнал со правото на субвенционирање студентски оброк, како и за време на државни празници и неработни денови.
Целосниот повик за аплицирање за субвенциониран студентски оброк може да се најде на овој линк.
Преземено од Мета.мк