
Вториот уписен рок на УГД се реализира на 4 и 5 септември, слободни се 3249 места – 1604 за редовни, 834 за кофинансирање и 811 за вонредни студенти.

На поголем дел од факултетите има доволно слободни места за запишување. Традиционално, пополнета е квотата на насоката Општа медицина на Факултетот за медицински науки, и овде нема место. Слично е на Дентална медицина, каде има само 4 слободни места во квотата за редовни студенти, а 33 за студирање со кофинансирање. Истата бројка, 4 места за редовни студенти ја има на насоката забен техничар и протетичар. Во првиот рок се пополнети и сите места за редовно студирање за физотерапевти, има место за кофинансирање (како и На сите други насоки).
На другите факултети, висок интерес имаше за Факултетот за туризам и бизнис логистика – насоките Туризам и угостителство и Бизнис логистика.
Проректорот за настава, проф. Д-р Мишко Џидров ги повика кандидатите кои не успеале да се запишат во првиот рок или не донеле одлука, да го погледнат конкурсот и да се одлучат за некоја од студиските програми.
„ Конкурсот е објавен на нашата веб-страница. Овие два дена ги очекуваме да направат профил на нашата веб-страница и да ги пополнат информациите. Останати се околу 1600 слободни места во државна квотана сите студиски програми. Првиот уписен рок заврши вчера, сите кои не успеале да се снајдат во системот нека повелат во канцелариите на Универзитетот и ќе им се помогне да го извршат уписот“ – изјави проф. Д-р Џидров.
Објавени прелиминарните резултати за упис на студенти – проверете дали сте примени
Примените кандидати од вториот уписен рок ќе бидат познати на 12 септември, а ќе можат да се запишат на 15 и 16 септември. Третиот уписен рок на УГД ќе се реализира на 17 и 18 септември. Во октомври, УГД ќе го објави и посебниот Конкурс за ранливите категории, кои ќе имаат поволности во студирањето.
Правиот академски час на УГД ќе се одржи на 1 октомври, традиционално, на платото пред Мултимедијалниот центар на УГД (Економски факултет).