Фестивалот „When In Krusevo“ ќе се оддржи по седми пат, годинава од 30 јуни до 02 јули во Крушево. Целта на фестивалот е промовирање на крушевскиот живопис полн со природни убавини и спортски атракции, будење на адреналинот и желбата за дружење, но и промоција на уметноста, историјата, живите традиции на градот и гостопримството кои и тоа како создаваат чувство на топлина.
За љубителите на адреналинските спортови ќе биде вклучено и и атрактивното тандем параглајдинг летање од Мечкин Камен. Посетителите исто така ќе може да се искачуваат на вештачка карпа, јават на коњи, кајакарат… Не се заборавени и велосипедистите, па ќе имаат можност да бидат дел од планинскиот велосипедизам од 20 и 10км. Оваа година за обожавателите на трките, во рамките на фестивалот ќе се одржи улична трка од 5 километри, како и trail трка, а за гурманите се спрема саем за храна и пијалаци.
Според Петар Дамчески, еден од организаторите, очекуваат викенд полн со дружење, музика и адреналински авантури. Новитетите исто така не изостануваат.
„Поразлично од претходните години е локацијата на музичкиот дел. Оваа година ќе биде поставен на ски терените Станич (ресторан Алто). Овде има адреналински парк со активности. Како дел од музичките артисти, годинава прв пат имаме и странски изведувачи.“
За сите оние кои не се од Крушево, а уживаат во кампување, има обезбедено камп зона. Фестивалот е од отворен тип и нема возрасна граница. За најмладите е подготвено детско катче на Крушевското езеро со денска забава, јога, детска трка и многу детски игри.
Картата за ова тридневно авантуристичко дружење во Крушево е 500 денари и истата може да се купи на продажната мрежа на MK Tickets. Со секоја купена карта се добива попуст до 50% на спортските активности. Воедно се обезбедени влезници за Спомен куќата на Тоше Проески, Македониумот како и Галеријата Никола Мартиновски.
Сите подетални информации за фестивалот можете да ги следите на овој линк.