ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.08.2023
Work and travel и годинава популарна меѓу студентите

Work and travel програмата веќе со години е од голема практика кај студентите. Нудејќи им  можност за работа и прошетка на студентите, многумина од нив ја гледаат како одлична прилика за заработка, но и посета на друга држава.

И оваа година, најголем интерес студентите покажуваат за работа во Германија и Америка, но расте и заинтересираноста за Хрватска.

Ванеса Крстева е студент на Факултетот за Медицински науки при УГД и своето лето го поминува работејќи во Мекдоналдс во Оберхаусен, Германија преку програмата Work and travel. Ова е нејзино прво искуство со оваа програма, но топло го препорачува и на останатите студенти.

Преку Work and travel до повеќе придобивки

Ванеса Крстева

„Мојата работа се состои од повеќе позиции во зависност од потребите во моментот, но главно работам како презентер или на drive-through. Сметам дека ова е прекрасна прилика за усовршување на германскиот јазик, но и на учење на поголема самостојност, одговорност и запознавањето со реалниот свет.Верувам дека можностите се бесконечни посебно кога ќе се научиме да си го испланираме времето, па така ќе имаме време и за факултет, за испитите но и за некој одмор или прошетка.“, вели Ванеса.

Оберхаузен

Во Германија работа 8 до 10 часа, во Америка се нудат поинакви услови

Доколку се одлучите за работа во Америка, голема е веројатноста да работите на две или три работни места бидејќи таму работното време за студенти обично е пофлексибилно.

Бојан Коцев е уште еден студент на ФМН при УГД кој се одлучил за работа во Америка, односно во областа на Масачусетс. Тој аплицирал преку агенција која била задолжена за обезбедување на неговиот престој таму и наоѓање на работа. Бојан вели дека најголемиот предизвик е добивањето на работна виза која трае 5 месеци, од кои 4 имаш можност за работа, а последниот студентите најчесто го користат за прошетка.

Бојан Коцев

„Работам на две работни места, првата е помошник во кујна во ресторан за морска храна, а втората како помошник келнер. Позитивно е што овде постои голема флексибилност во поглед на работните часови, па тоа дозволува да си пронајдеш и втора, па дури и трета работа. Во мојот случај, потребно е да исполнам 43 часа неделно од првата и 29 часа од втората работа, па ги работам наизменично. Советувам и сите студентите кои планираат да дојдат овде да инвестираат во велосипед бидејќи е најпрактичното средство за превоз и скоро сите фукционираат така.“, вели Бојан.

И покрај можноста да се најде работа преку агенција која ја искористил Бојан, сепак постојат и услови за самите студенти директно да си пронајдат работа и сместување

Ангела Кочоска, исто така студент на ФМН при УГД, веќе втора година работи во Хрватска , а и во двете прилики работата и престојот ги нашла преку познаник.

Ангела Кочоска

Првата година таа работала во Чаковец, а моментално работи во Макарска како угостител. Таа смета дека иако повеќето студенти имаат поголема доверба во агенциите, сепак и ваквиот начин е сосема безбеден доколку внимателно ги разгледате опциите и ги проверите сите информации.

Work end travel – работа, но и запознавање на нови култури и традиции

Најголем предизвик за студентката претставувале секако испитите во текот на летната сесија, но засега вели дека со правилен распоред може да се изменаџира времето за работа и полагања.

Чаковец

„Преку познаник ја пронајдов работната позиција во Чаковец и за скоро една недела од првичниот договор јас веќе бев во Хрватска, се испадна набрзина, но едно од најубавите животни искуства. За вториот пат, повторно преку познаник, добив контакт од раководителите на угостителскиот објект и се договорив за претстојната сезона.

Сакам да напоменам дека во секој случај може да испаднат некои непланирани работи, коишто може да доведат до промена на вашите планови, но тоа не значи дека треба да се откажете, напротив тоа е уште еден дополнителен мотив. Покрај работните искуства, оваа програма ви овозможува и простор за прошетки, запознавање нови култури, традиции. Претходната година иако престојував во Хрватска, имав можност неколку пати да ги посетам Словенија и Унгарија.“, вели Ангела.

ТикТок предизвик повторно опасност за младите
Пријави се да бидеш „Амбасадорка за еден ден“!