Намалување на бројот на ученици е карактеристика на последните десет години – се бележат 27.000 помалку основнци и средношколци.
За 245 илјади основци и средношколци денеска почнува новата учебна 2024/25 година. Учебната година ќе трае до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
Наставата почнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има само за учениците од неколку училишта каде не е завршена на време реконструкција или набавка на опрема, како клупи и столчиња за учениците. Во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која надлежните се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.
Според МОН, учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. На првиот училиштен ден учениците ќе ги добијат учебниците. Според ресорното министерство, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени.
Инаку, продолжува загрижувачкиот тренд на намалување на бројот на ученици во последните десетина години – се бележи намалување за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразено во средното образование, каде само за десет години, бројот е намален дури за 20 %. Во основното образование, намалувањето изнесува 5 %, односно 10 илјади ученици, известуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Најголемо намалување на бројот на ученици во вкупна бројка има во општина Гази Баба. Таму во последната учебна година имало дури 2.389 помалку ученици отколку пред десет години. Следна општина е Тетово каде имало речиси 1.500 ученици помалку, само за период од десет години. Со намалување од по илјада ученици следуваат: Центар, Струга, Куманово и Гостивар.
Во релативни бројки, најголемо намалување на бројот на ученици во осмолетка има во општина Ново Село, каде само за десет години, бројот на во основното образование е преполовен, односно е намален за 57 %.
Намалување на бројот на ученици за третина има во општините Маврово и Ростуше, Вевчани, Кратово и Пехчево. Намалување за една четвртина на бројот на основци има во Врапчиште, Конче, Зрновци, Гази Баба и Берово.
Од големите градови, бројот на ученици во основно расте во Скопје и во Струмица.
Спротивно, зголемување на бројот на ученици имало во десет општини од Скопскиот Регион, а со тоа и во Градот Скопје. Најголемо зголемување и во вкупна бројка и процентуално има во Бутел и Карпош. Во Карпош, во последната учебна година имало речиси 2,5 илјади повеќе основци отколку пред десет години, што е зголемување на бројот за 56 %. Во Бутел, зголемувањето е за околу 2 илјади ученици, односно за 59 %. Слично е и во Ѓорче Петров каде зголемувањето е за 43 %, односно за нешто повеќе од илјада ученици.
Надвор од Скопје, зголемување имало во девет општини, но во сите заедно имало само илјада ученици повеќе сега отколку пред десет години. Тоа се претежно мали општини како Чашка, Теарце, Ресен и Крушево. Единствено од поголемите градови, само во Струмица има зголемување на бројот на основци за околу 400, односно за 9 %.
Кога станува збор за средното образование, состојбата е многу полоша. Таму, намалување имало во дури 73 општини. Во проценти, во 90 % од општините, вклучувајќи го и Град Скопје како целина.
Наставата ќе претрпи промени – некаде ќе се учи во една смена
„Во апсолутни бројки, најголемо намалување на бројот на средношколци има во Скопје и во речиси сите големи градови. Тука се Тетово, Струга и Кичево, сè до Струмица, Гостивар, Куманово и Штип.
Процентуално, пак, најголем губитник е Пехчево. Таму, бројот во средно е намален за 83 % само во последните десет години. Преполовување на бројот на средношколци има во Крушево, Македонски Брод и Врапчиште.
Во главниот град Скопје има намалување од 2.727 средношколци, односно за 10 % во последната учебна година.
Во сите седум општини каде што има зголемување на бројот на средношколци, вкупната бројка на зголемување изнесува 1.136, наспроти 18.000 за колку што е намален бројот во останатите 73 општини“, стои во анализата.