ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.11.2021
За неодоливиот Петар: Кога објавуваме за деца, внимателно! Како со свои деца

Искреноста, едноставноста, спонтаноста…онаа обичната, неизнудена, ненаметната, најчистата – ете тоа изгледа ни недостасува на сите нас! Затоа со брзина на светлината не освои малиот Петар, со неговите одговори за пешачењето, јадењето, извидништвото, природата, грашокот и бурекот… Толку ли долго сме во светот на неискреноста, па искреноста ни е нешто чудно? Нејсе, Петар на сите ни ги разнежни душите, ретко кој што го видел видеото не рекол дека тоа е нешто најубаво што видел во подолг период од животот. И затоа, Петар не освои без никаков проблем, од прва, ни даде насмевка, не почести со чувства кои ретко ги демонстрираме. И до тука, нема никакви дилеми.

Дилемите настануваат од моментот на прашањето дали тоа видео треба или не да се објави на социјалните мрежи или медиумите? Правилата се јасни – за објава, потребна е согласност од родителите. И иако нема ама баш ни најмалку лоша намера, и првиот објавувач на видеото ја избриша објавата, и ги повика сите останати да го сторат тоа, а и тој чин беше направен на најубав, искрен начин, без ни најмала доза на било какво негодување што ете родителите побарале да се избришат објавите. Апсолутно треба да се поддржат родителите во нивната желба и одлука, и тука нема место за никакви негодувања. Сите ние треба да размислиме за нешто друго – ако и во еден ваков пример, кога станува збор за една суперпозитивна приказна, за видео кое на сите им е извонредно пријатно да го видат и слушнат, сепак има простор да се размислува  за заштита на детето, замислете како ли е во ситуации кога станува збор за деца кои се жртви на одредени постапки, на насилство, на мобинг, на случки и настани кои сигурно создаваат трауми? Колку пак тогаш е важно да се внимава како се известува од страна на медиумите, како се коментира по социјалните мрежи, колку сето тоа може дополнително да ги виктимизира децата? А добро е познато дека баш и не се води сметка за тие етички и морални стандарди, па се објавуваат и имиња, и ликови, фотографии, и детаљи, кои само ја влошуваат ситуацијата и го прават проблемот поголем.

Еве, веќе рековме, примерот со малиот Петар, со видео кое всушност е  работено од Институтот за комуникациски студии и ќе биде публикувано заедно со други, и со дозвола од родителите (но не и дозвола за вакво објавување на социјалните мрежи), добро покажува колкави се опасностите. Најпозитивно, најспонтано и чисто детско говорење, разговор, сепак може да доведе до проблеми кога јавно ќе биде споделувано. Едноставно, тоа е дете. Тоа се деца, ранливи, чисти души, кои и кога се во позитивна смисла прикажани, сепак можат да почувствуваат последици од она што како коментари би произлегло од објавувањето. А за жал, ние возрасните изгледа создадовме свет во кој и од најубавото можеме да извадиме лошо. Само пред неколку дена Советот за етика во медиумите ги објави Препораките за етичко известување за млади и деца, и еве, случајот сакаше на еден ваков начин, преку пример дека и со најчистите детски приказни и нивно објавување постои опасноста за да се наштети на децата, а камоли пак во ситуации кога тие се жртви.

Затоа, кога известуваме, или кога објавуваме за деца, или со деца – внимателно. Како со деца. Како со свои деца.

 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?