ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.02.2023
За прв пат дојави за бомби испратени до Претседателот, до МВР, но и до медиуми
Автор: Goce Author

Утринава дојава за поставени бомби е испратена до повеќе електронски адреси меѓу кои за прв пат и до Претседателот Стево Пендаровски, до Министерството за внатрешни работи (МВР), но и до два медиума: „ТВ Канал 5“ и „360 степени“, потврдија од МВР за Мета.мк. 

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

„Денеска (21.02.2023) е пријавено дека преку електронските адреси е упатена закана за поставена експлозивна направа до Музеј на град Скопје, Природонаучен музеј, Археолошки музеј, Музеј на ММБ Спомен куќа на Мајка Тереза, ГТЦ, Ист гејт мол, ТЦ Бисер, Флатирон, Џевахир, Управен суд, Куќа на Претседателот-Вила Водно, х. Мериот, х. Александар Палас, СЦ Борис Трајковски, Железничка станица Скопје и ФФМ“, велат од МВР.

Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Пораката испратена од електронската адреса grahamkleiny72@gmail.com, во чиј наслов односно предмет (subject) е наведено „закана“, освен на електронските адреси на медиумите е испратена и до Министерството за внатрешни работи.

Во пораката, чија содржина во целост ја објави „360 степени“, на дојавите за бомби им се дава политичка конотација, односно се бара владата да поднесе оставка. Во пораката се користат нелогични реченични конструкции за македонскиот јазик, како на пример: „Нема да престанеме додека власта е на потег“.

Дојавите за бомби почнаа да пристигнуваат до електронските адреси на средните училишта во Скопје кон крајот на октомври минатата година, и до сега сите беа лажни. Вакви лажни дојави за бомби се испраќаат во повеќе земји од регионот, во последните две години.

Проверките по дојавите за бомби што денеска беа упатени до повеќе институции и објекти во Скопје, но и до Претседателот Стево Пендаровски, Министерството за внатрешни работи (МВР), до двата медиума, “Канал 5 Телевизија’ и “360 степени“, но и до едно училиште во Прилеп, се завршени и покажале дека станува збор за лажни дојави, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Извор: Мета.мк

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?