1 Декември е познат како Светски ден за борба против ХИВ вирусот и главните цели се да се намали стигмата и дискриминацијата кои се собираат со години околу оваа тема и едукација на граѓаните.
Во Северна Македонија во период од 2020г. регистрирани се 32 пријавени случаи на инфицирани со ХИВ, што е за 48% помалку споредено со 2019г. За симптомите, дијагностиката и терапијата повеќе ни кажа Весна Илиевска од ХЕРА.
“ХИВ е вирус на имунолошки недостаток кај човекот, кој постепено ја намалува способноста на организмот да се бори против различни патогени елементи. Не постојат симптоми што се специфични само за ХИВ-инфекцијата. Набргу по инфицирањето, можно е да се појават симптоми слични како оние при грип или настинка, кои понекогаш може да поминат и незабележано. Во напредниот стадиум на заболувањето може да се појават симптоми за различни сериозни заболувања поради намалениот имунитет. ХИВ инфекцијата не може да се дијагностицира врз основа на симптомите, туку единствено преку ХИВ тест.”,вели Илиевска.
Според податоците од ХЕРА, доминантниот начин на пренос на ХИВ во Македонија е преку сексуален однос без кондом. ХИВ може да се пренесе преку незаштитен вагинален и анален, а многу ретко и преку орален секс. Нај достапна и најефективна заштита од ХИВ е користењето кондом при сексуален однос, и тоа, особено доколку кондомот се користи во комбинација со лубрикант. Доколку се користат дроги со инјектирање, приборот (шприц, игла, кукер) треба да биде стерилен и да не се споделува со други лица. За да се превенира пренос на ХИВ од мајка на новороденото, препораката за жените да се тестираат пред бременоста, или во рана фаза од бременоста.
Иако, не постои лек за целосно сузбивање на болеста, сепак медицинскиот напредок овозможил достапна терапија за спречување на фаталноста и трансмисијата.
“Постои терапија за ХИВ, тн. антиретровирусна терапија, достапна и бесплатна за сите што живеат со ХИВ во нашата држава. Оваа терапија, не само што овозможува да се живее долго и квалитетно колку и сите останати, туку и откако ќе се достигне тоа недететабилно ниво на вирусот во крвта, по 3-6 месеци од редовното примање, понатаму не постои можност да се пренесе на друго лице. Доколку бремената жена кај која навреме е откриен ХИВ, прима терапија во текот на бременоста и примени други мерки (породување со царски рез и не го дои новороденчето), шансите за пренос на ХИВ се речиси непостоечки (помали од 1%).”
Секое трето лице во РСМ, кое има ХИВ, не е свесно дека е инфицирано со вирусот, па затоа од круцијална важност е тестирањето и откривање на вирусот за навремено практикување терапија.
“Во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам” на Водно обезбедуваме услуги за бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, со крвен примерок од прст. За подетални информации и за закажување, граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. ХИВ тестирањето е достапно за сите граѓани, без оглед дали имаат здравствено осигурување, а не се бара ниту документ за идентификација, ниту име и презиме. Тестирањето се прави под шифра, а резултатите од брзите ХИВ тестови се готови за 10-тина минути”, нудат од ХЕРА.
Важно е да се знае дека ХИВ не бира ниту според возраст, ниту според раса, род или брачен статус. Бира единствено според ризично однесување. Со познавањето на вистинските информации за тоа што е ХИВ денес, се разбиваат митовите на оваа тема, така што стигмата и дискриминацијата поврзани со луѓето со ХИВ, нема да имаат основа на која би опстоиле понатаму.
На следниов линк може да се прочитаат ХИВ позитивните приказни кои со ХЕРА ги споделија 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија. Тоа се нивните лични искуства кои се спротивни на доминантните претстави дека живеењето со ХИВ е нужно поврзано со боледување и страдање.