
Забрана на TikTok и други социјални мрежи кои поттикнуваат насилство ќе побара пратеничката од ЛДП Моника Зајкова.
Оваа најава доаѓа по трагичните случувања во Србија, каде во два дена беа убиени 16 лица, од кои првиот случај беше во основно училиште во Белград.
Според Зајкова, ЛДП ќе поднесе повеќе иницијативи, кои се однесуваат на најостра контрола на издавањето и поседувањето на огнено оружје, проверка кој се поседува оружје, контрола и забрана малолетни лица да вежбаат во стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со вакви убиствени направи.
Потребни се промени и во поглед на казнената политика, но и поголема контрола во училиштата. Министерство за правда треба да ја разгледа состојбата и предложи заострување на казнената политика со намалување на возраста за кривична одговорност согласно европското законодавство и практики, како и поголема контрола во училиштата и ангажирање на психолози и педагози за превенирање на булингот во образовниот процес.
„Оваа спирала на насилство извршена од млади лица мора да го вклучи црвениот аларм и кај нас и потребно е преземање на итни и ефикасни превентивни мерки за да се спречи врсничкото насилство, грозоморните слики од убиени и повредени“, истакна Зајкова.
„Особено е потребна е забрана на „Тик-ток“ како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи“.
Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството.
Според предлагачот, ова нема да значи цензура на уметноста. Според примери во Европа – Франција формираше Комисија за категоризација на филмови, која годишно прегледува околу 600 филмови, и проценува дали содржината на филмот, па дури и анимираните филмови, не се штетни за децата и не поттикнуваат насилство кај децата.