Националниот Сојуз на инвалиди на трудот на Македонија е основан во 1954 година, а во него членуваат повеќе од 40.000 инвалиди на трудот и преку 24 Здруженија на инвалиди на трудот.
Тимот на goce.mk имаше разговор со Тоде Арсов претседател на Заедницата на инвалидските организации на град Штип, по повод на Светскиот ден на лицата со инвалидитет, 3 Декември. Во склоп на Заедницата на инвалидски организации спаѓаат Здружение на лица со телесен инвалидитет, Здружение на слепи лица, на глуви и наглуви лица, Меѓуопштинско здружение на цивилни инвалиди од војната, Центарот за лица со попреченост во развојот ,,Порака’’ и Здружението на инвалиди на трудот. Ова здружние постои од 1985 година на иницијатива на тогаш постоечките здруженија за подобра координација во работата.
Секое здружение си има свои програми на работа, додека заедницата ги координира и некаде каде што треба да се пристапи заеднички тогаш таа се вклучува.
Нивната постојана борба е со остварување на нивните права за вработување, за образование, правото на слободно движење.
Тоде Арсов вели: ,,Јас бидејќи потекнувам од Здружението на телесни инвалиди, нашата најголемата борба која ја имаме е со локалната самоуправа, бидејќи се што е поврзано со движењето на лицата со телесен инвалидитет е поврзано и со локалната самоуправа. Ние се залагаме за проодни улици и спуштени тротоари за да може лицата со инвалидски колички слободно да се движат, да има приспособен влез во јавните институции за истите лица, ние делумно имаме остварено со наше залагање да скоро веќе сите институции имаат пристапни рампи за лицата со инвалидитет кои некаде се поставени по сите стандарди, но некаде се ставени колку да се каже дека има рампи. Имаме контакти со директорите на јавните претпријатија и градоначалниците, некои ни излегуваат во пресрет, ветуваат, некаде прават, некаде не прават, така да останува нашата борба да им обезбедиме приближно како и останатите здрави лица да имаат пристап и услови во општеството.’’
Заедницата е едногласна дека има недостаток на преведувачи – толкувачи за глувите лица. Во Штип постои една жена – преведувач која не е професионален, односно волонтер е во судот. Тие кога имаат потреба ја повикуваат, но само доколку таа е слободна, за да можат да одржат седница во заедницата, бидејќи и глувите треба да бидат запознаени со случувањата.
,,Доколку има два или повеќе судења во исто време таа не може да биде присутна на сите, таму не знам како се снаоѓаат, но ние тука проблемот го решаваме со пишување, имаме членови кои имаат мали познавања од знаковниот говор, па некако се разбираме со нив.” – вели Арсов.
Пред некое време заедницата правела анкета во која биле опфатени слепите лица. Анкетата покажала едногласност за тенденција на тактилни патеки за движење. Друг голем проблем е што овие лица бараат постојана асистенција од обучено лице кое ќе биде 24 часа до нив за да можат да ги извршуваат општите дневни потреби.
Тоде вели ,,Пред неколку години имаше курсеви преку заводот за вработување, каде ја имаше таа општествено корисна работа преку USAID и локалната самоуправа, каде невработени лица од заводот за вработување даваа услуги, асистенции на инвалидизирани лица. Последните две години тенденција е инвалидизирани лица кои се пријавуваат во заводот, да даваат асистенција на други инвалидизирани лица и таа асистенција е 2 часа двапати во неделата што е ништо. Овие лица имаат потреба од 24 часовна асистенција за да ги извршуваат нормалните физиолошки потреби, да не бидат врзани за едно место туку да може да излезат кога ќе посакаат на прошетка.’’
Во последните две години со напорен труд успеале како заедница да направат нешто за овие лица. Овие лица почнуваат да ги сместуваат во станови каде ќе можат меѓусебно да си помагаат и да се грижат еден за друг. Исто така најдени биле и самозгрижувачки семејства кои се грижат за лицата кои се донесени од домовите кои се веќе пред затварање односно домот во Демир Капија и домот во Банско, Струмичко згрижуваат само најтешки случаи на инвалидизирани лица.
На прашањето дали институциите ги слушаат и исполнуваат барањата на заедницата за инвалидизирани лица Тоде ни одговори со:
,,Ние како заедница обично бараме приеми со луѓе кои што можат да ни помогнат како градоначалник или директор на некое јавно претпријатие, дали писмено или усно ние ги искажуваме нашите барања. Институциите ги слушаат нашите барања, но не секогаш ги исполнуваат. Ние бараме она што ни припаѓа, тоа што е во конвенцијата која е усвоена во обединетите нации за правата на лицата со инвалидитет, а пред 4 години е усвоена и во Северна Република Македонија, ништо надвор од конвенцијата не бараме. Еве пример на секој нов проект ние доставуваме барање за спуштени тротоари на пешачките премини кои не само на инвалидизираните лица туку и на останатите граѓани ќе им биде од корист како на мајките со количките. Но со промена на директори, со промена на локалната власт, дали се забораваат тие работи, дали не сакаат да ги слушнат не знам. Еве на улицата непосредно до зградата на заедницата за инвалиди се реконструира и таму каде што е имало спуштени тротоари веќе ги нема. Центарот на Штип порано имаше околу 50% спуштени тротоари, со реконструкцијата на тротоарите покрај реката Отиња денеска нема ниту еден.’’
Освен кога има некои теми поврзани со овие лица друго учество во јавните институции немаат. Имале прилика да прашаат Зошто лицата со телесен инвалидитет не се опфатени во кампањата за листа на советници, на пратеници, но не добиле одговор.
,,Обично лицата со инвалидитет се вработуваат во заштитни друштва. Порано работодавачите ги вработуваа овие лица за да ги земаат бенифициите од државата која ги даваше за нив, или ги праќаа дома и ќе им даваа минимална плата или ќе им ја бараа половина да ја вратат, но сега гледам дека свеста е на повисоко ниво. Лицата со инвалидитет веќе не трпат такви работи, самите си отидат и се договараат со работодавачот.’’
Бројката на инвалидизирани лица регистрирани во заедницата е 1 200 активни членови. Но Арсов вели ,,Доколку 1 200 луѓе се регистрирани сигурно околу 50 – 60 % има и други инвалиди во Штип, така да сигурно бројката би надминала 2 000 луѓе само во општина Штип. Морам да напоменам дека имаме и млади членови, инвалиди од раѓање, а некои малку покасно, кои се мали деца, 5 -6 деца. Има и млади до 25 години слепи и нивниот е најголем проблем. Не можат да се школкуваат бидејќи нема соодветно училиште. Со самиот инвалидитет кај нив се јавува и она психичко растројство, повлеченост, не се дружат многу, така да имаат многу проблеми овие деца. Кај нив е најголемиот проблем. ’’
Покрај сите проблеми и пречки овие лица остануваат весели и ги користат своите таленти со учествување на разни натпревари по пеење, цртање, пишување и со освојување на награди.
Секоја година имаат организирани средби на 3 Декември, но поради пандемијата овие две години се откажани.
Пораката на Заедницата за инвалидизирани лица е да бидат слушнати и другите 364 денови од годината, не само на 3 Декември да се спомнуваат и посетуваат, а потоа да останат заборавени од сите институции.