
Во Македонија:
-Една од десет жени е жртва на физичко насилство;
– 30 % од жените се жртви на сексуално вознемирување;
-2 од 5 жени се жртви на психолошко насилство;
-речиси една од 5 жени лично познава роднина, пријателка, соседка, која доживеала некаков облик на семејно насилство;
-три пати повеќе жени во Македонија веруваат дека семејното насилство е приватна работа и треба да остане во рамки на семејството, во споредба со жените од земјите во ЕУ, а некои жени сметаат дека малото насилство дури е и нормално однесување;
Ова се факти за состојбата со родово базираното насилство во Македонија, кои на Дебата организирана во Скопје ги изнесе Афродита Шаља Плавјанска, шеф на Канцеларијата на УНФПА ( Фонд на Обединетите нации за население) во Скопје. Овие состојби бараат итни решенија, рече Плавјанска, потенцирајќи дека родово базирано насилство е едно од најгорливите прашања кои бараат итни решенија и одговори.
„Ставањето крај на родово базираното насилство е една од трите глобални цели на УНФПА кое УНФПА заедно со своите партнери се стреми да го достигне до 2030 година. Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, е првиот правно обврзувачки договор во Европа, кој ги криминализира различните форми на насилство врз жените и девојчињата. Оваа Конвенција е ратификувана во Македонија пред неколку години, а е транспонирана во новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство усвоен во јануари оваа година. Денеска, со оваа дебата, на почетокот на тригодишниот проект финансиран од Британската влада, што го спроведува УНФПА во соработка со националните институции и невладините организации другите меѓународни партнери, вклучувајќи го и поширокото семејство на ОН, дискутираме за механизмите и начините, како со примената на утврдената национална законска рамка можеме да го унапредиме процесот на спроведување на новиот Закон. Целта на проектот е да се поддржи Владата са креира и да почне со имплементација на интегрирани политики и услуги за родово базирано насилство, применливи низ целата држава, во согласност со принципите на Истанбулската конвенција“изјави Плавјанска.
Учесници на дебатата беа и Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, сопругата на претседателот на РСМ, Елизабета Ѓорѓиевска, нејзината екселенција Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Македонија, Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Македонија и Стефан Худолин, шеф за соработка, претставник од Европската делегација.
„Во едно општество ќе имаме успешна приказна за справување со насилството врз жените и девојчињата и родовото базирано насилство само доколку сите алки од синџирот на координираната борба против насилството, подеднакво го даваат својот придонес. Неопходно е да се продолжи со обуки кои ќе овозможат создавање на професионалци внатре во МВР но и во Центрите за социјална работа кои точно специјализирано ќе се занимаваат со прашањето од сферата на родово базираното, насилство, односно генерално со насилството како врз жените така и врз девојчињата. Веќе се воспоставени специјализирани сервиси за жртви и дека 13 од нив се Центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство, три кризни Центри за жртви на сексуално насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и осум нови специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство“ – изјави Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот Стево Пендаровски, рече дека справувањето со насилството врз жените и девојките да биде наша секојдневна обврска и одговорност, а заложбите и силната посветеност денес, би создале безбедна структура на поддршка во иднина, со што евентуалните жртви ќе бидат охрабрени да пријават, бидејќи тоа е единствениот начин да добијат поддршка и услуги на заштита, што воедно ќе биде гаранција дека сторителите на насилство ќе бидат казнети.
„Справувањето со родово базираното насилството особено со насилството врз жените и девојките е потребно да биде наша секојдневна обврска и одговорност, затоа што не треба да останеме само на говорење, треба да дадеме поддршка, треба да ги охрабриме жртвите да го прекинат својот молк и да се спротивстават, затоа што излез секогаш има. Одговорност и навремено реагирање треба да се очекува и од правосудните органи кои треба да испорачаат правда за жртвите, како и од службите кои треба да обезбедат услуги за заштита и закрепнување на жртвите на насилство “ рече Ѓоргиевска.
_______________________________________________________________________________________________________________
Прочитајте и: Сексуално вознемирување – сите би пријавиле, а пријави малку…
_______________________________________________________________________________________________________________
„Преку 16 дена активизам ги слушаме статистиките, а на што го слушаме како статистика е навистина шокантно, и ние треба да сме свесни за тоа. Жените и девојчињата претставуваат 15 % од светскиот потенцијал, а нерамноправноста меѓу половите го стагнира развојот во некои области, а насилството врз жените е едно од најшироко распространетите прашања во нашето време. За жал, како што рече и министерката Шахпаска, за време Ковид пандемијата гледавме и една пандемија на проширување на насилството во домот. Обединетото Кралство сфаќа дека е глобален водач во разрешување на ова прашање и во последните неколку години се обидовме да поставиме приоритет, да ја вклучиме родовата рамноправност како реакција на тоа. Министерката спомена дека новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените е усогласен со стандардите за полова рамноправност, но треба да се гледа и како се работи на терен. Мислам дека сите овде се посветени да работат, да се постигне делување во согласност со одредбите од Истанбулската конвенција. Но исто така знаеме дека успехот зависи и од вклучувањето на организациите кои работат со жените, и со програмата на УНФПА да градиме силни односи со невладините организации и да одговориме во борбата против насилството врз жените. Со заедничко делување, ќе создадеме општество каде жените и девојчињата ќе го остварат својот целосен потенцијал како рамноправни граѓани во секоја насока, и ние ќе можеме да направиме голема разлика во животот на сите девојки и жени во оваа земја – изјави нејзината екселенција, амбасадорката Галовеј.
Шефот за соработка од ЕУ, Стефан Худолин истакна дека Законот кој е донесен годинава во Македонија е значаен напредок во превенирањето и заштитата на ннасилството врз жените, а воведува и реинтеграција на жртвите. И во ЕУ не е баш добра состојбата на овој план, и ни една земја нема постигната целосна родова еднаквост, и работата се уште треба да се заврши. Родовата политика во ЕУ е дел од новата стратегија за родова еднаквост и таа е во согласнот со нашата посветеност на претседателството да се постигне еднаквост на родовите до 2025 година.
_______________________________________________________________________________________________________________
Прочитајте и: Само 1 од 10 жени би пријавила насилство во полиција
_______________________________________________________________________________________________________________
Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Македонија рече дека има три столба за подобрување на состојбата со заштитата од насилство врз жените – законската рамка, која е цврста во Македонија, меѓународните конвенции – солидна правна основа, имплементацијата на законската рамка, но и однесувањето, социјалните норми и практики, улогата на заедницата, невладиниот сектор, на социјалните работници, на оние кои се во првата линија на фронтот, кои се со жртвите и со насилниците.
Панел-дискусија „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?” Панел-дискусијата го означи почетокот на проектот „Спречување и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија”, во рамки на овогодишната кампања „16 дена активизам против насилство врз жени и девојчиња – Обој го светот портокалово: крај на насилството врз жените СЕГА!”