
Денеска започна второто полугодие од учебната 2022/23 година. Почетокот беше одложен, бидејќи наставата по зимскиот распуст требаше да започне на 18, но стартот беше поместен за 23 јануари. Поради ова имаше најава дека и крајот на учебната година ќе биде поместен. Образложението од МОН беше дека причината е функционалноста на училиштата. Став на Министерството е и дека ќе има време да се одработат сите предвидени часови.

Photo by Taylor Flowe on Unsplash
„За подобро функционирање на процесот, поради тоа што 18 јануари е среда, 19-ти е празник за поголем дел од граѓаните и 20-ти е петок, одлучивме второто полугодие да почне во понеделник. Исто така, да се изработат сите 180 работни денови до крајот на ова второ полугодие. Има три работни наставни денови и не гледам причина да има некаков проблем“-изјави тогаш Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Второто полугодие започнува во знакот на старите проблеми – немањето учебници. На почетокот на второто полугодие учениците од второ одделение ќе ги добијат учебниците по математика и општество, најави министерот Шаќири. Тој најави и дека Министерството утврдило дека има потреба од нов Закон за учебници, со кој ќе се минимизираат можностите за грешки и доцнење. Изразува уверување дека следниот септември дел од проблемите кои се појавија во минатото нема да се повторат.
Во Штип пак, на првиот ден од второто полугодие, поразителна и загрижувачка информација.
Осумдесет и еден ученик од штипските основни и средни училишта се испишани поради нивно заминување во странство. Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева, истакна дека оваа бројка на испишани ученици е од септември до декември 2022 година, односно за време на првото полугодие од учебната 2022/2023 година.
Од оваа бројка, во средните училишта се испишани 12 ученици, а од основните 69, објави новинската агенција МИА.