
Шестото издание на Медиумскиот Фестивал (МФС) Скопје ќе се одржи од 22 до 24 септември во Кинотека на Македонија како и онлајн со фокус на животната средина. Организацијата е на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА. Годинава теми се актуелните прашања што не опкружуваат, од климатската вонредна состојба која ги погодува сите на планетата, до бетонизацијата на зелените површини во нашите градови, новинарството посветено на екологија и други важни ,,зелени” теми.
Како и секоја година, ПИНА повторно на фестивалот дава значаен простор за темите посветени на опасностите во новинарската работна средина. Значаен дел од програмата ќе биде посветен и на онлајн вознемирувањето со кое се соочуваат новинарките во нашата земја. Ќе бидат презентирани резултатите од анкета на над 100 новинарки од домашната медиумска сцена.
Планирани се и повеќе дискусии, работилници и филмови посветени на разни теми важни за новинарството, медиумите и граѓанското општество.
Фестивалот се отвора утревечер од 20 часот со дискусија за покриеноста на прашањата врзани со животната средина и климатските промени во македонските медиуми. По тоа следи проекција на документарецот „Длабоко во мразот“, патешествие на тројца истражувачи низ ледените предели на Гренланд. На годинешната фестивалска тема ќе зборува и германската новинарка Сара Шурман. Воо онлајн-гостување од 15 часот во петок ќе сподели насоки за ефективно новинарско известување за климатската криза. На последниот фестивалски ден од 18 часот во Кинотека ќе се дискутира за зелените површини и урбаниот развој.
Вториот фестивалски ден започнува со дискусија за медиумската покриеност на правата на лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил. На 23 септември во Кинотека премиерно ќе биде прикажан краткиот документарен филм на ПИНА „Опасни мрежи“. Ќе биде презентирана публикацијата „Од нормализација до самоцензура“ за онлајн вознемирувањето на жените новинарки во земјата.
Ова е прва публикација на ПИНА, темелно истражување и анализа во која беа анкетирани над 100 новинарки од македонските медиуми. Целта е да се соберат нивните искуства за влијанието на онлајн вознемирувањето врз нив и нивната работа. По дискусијата следи проекција на „Убиството на еден новинар“ кој ги документира напорите на новинарите да го расветлат свирепото убиство на словачкиот новинар Јан Куцијак и неговата партнерка Мартина Кушнирова.
(Видео + галерија) Легендата на Макфест, Стојан Троицки, настапи на Астибо Џез Фестивал
На затворањето на фестивалот од 19 часот гостуваат основачите на РАФФ во Хрватска, Роберт Зубер и Силвија Јоњиќ. Тие ќе го претстават нивниот фестивал. Филмската програма на МФС ги носи и „Оваа моја украдена земја“ за корупцијата во Еквадор што води кон современа колонизација на тамошните природни ресурси од страна на моќната Кина; „Територијата“ за борбата на домородното население против узурпацијата на заштитеното подрачје во Амазонската прашума; „Тигре хенте“.
Настаните на Медиумскиот фестивал Скопје се бесплатни. Филмовите што ќе се прикажуваат во Кинотека во истите термини ќе имаат и онлајн проекции. Целосната програма за шестото издание на фестивалот може да се погледне на www.mfs.mk.