
Денеска започнува 40. издание на манифестацијата „Штипско културно лето“, со понуда од концерти, претстави, изложби, поместени во деновите до 30 јули.
Годинава манифестацијата нуди дури 34 богати културно-забавни настани, со слободен влез за сите посетители.

Првиот настан е веќе вечер, (вторник, 24 јуни), со почеток во 20:30 часот, во Уметничката галерија „Безистен“.
Станува збор за концерт на традиционална чалгиска музика во изведба на вокално-инструменталниот состав „Филип Шурбевски Егзија квартет“. Овој извонреден ансамбл за првпат ќе настапи на најстарата културна манифестација во градот, претставувајќи ја богатата традиција на македонската чалгија преку уникатен спој на звуци, инструменти и препознатлив музички стил. Публиката ќе има можност да ужива во македонски песни и ора, изведени во духот на автентичната македонска музика.
Во четврток, 25 јуни, на програмата е концерт на пијано на Јулијана Јанев, истиот ќе се одржи исто така во Уметничката галерија Безистен
Во четврток, 26 јуни, програмата се сели на сцената на НУЦК „Ацо Шопов, каде струмичкиот театар „Антон Панов“ ќе ја изведе претставата „Пепелашка“. Почетокот на претставата е во 19 часот.

Истата вечер, во фоајето на НУЦК „Ацо Шопов“ целовечерен концерт на популарна хорска музика од македонски автори ќе одржи Градскиот камерен хор „Астибо“.
Петок е резервиран за претставата на Народниот театар од Штип, „Ле Кретен“, а церемонијата на свечено отворање на Штипско културно лето 2025 е закажана за сабота, во 22 часот, со концертот на Националниот Џез оркестар кој ќе се одржи во Дом на млади.
Штипско културно лето 2025 ќе трае до 30 јули, со концерти, театарски претстави, промоции и изложби.