
Од денеска започнува скринингот во основните училишта каде е зголемен бројот на новозаболени од Ковид-19. Тоа беше аларм да иницира ваков скрининг кој ќе покаже каква е трансмисијата на вирусот меѓу учениците.
Претседателот и портпаролот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски и Злате Мехмедовиќ вчера на прес конференција покрај ова, најавија дка на сајтот на Министерството за здравство се достапни препораките за лекување на КОВИД-19, кои се наменети за сите лекари кои се вклучени во лекувањето на пациентите.
– Комисијата донесе заклучок внимателно да се следи и анализира состојбата во училиштата и доколку се утврди какво било зголемување на бројките помеѓу учениците во однос на новозаразени да се направат скрининг тестирања во училиштата со цел да се утврди реалната состојба и опасноста за поширока трансмисија на вирусот помеѓу учениците. Токму поради тоа започнуваме со скрининг во основните училишта каде бројката на новозаразени е зголемена. Во средните училиште таква состојба нема. Таму се следи епидемиолошката состојба и согласно извештаите од Институтот за јавно здравје е стабилна. Меѓутоа, загрижувачките бројки кои ги добивме од основните училишта беа аларм да иницираме и да аплицираме еден ваков скрининг што ќе ни покаже каква е трансмисијата во основните училишта, рече Мехмедовиќ.
Обезбедени се тимови, здравствени работници кои ќе го спроведат скринингот и кои согласно методологијата што е утврдена ќе ги соберат податоците, кои ќе бидат доставени на анализа во Институтот за јавно здравје и епидемиолошките служби, со цел да се обезбеди нивна статистичка обработка и да се добие реална слика за тоа како се пренесува вирусот во основните училишта.
Укинување на сертификатите кога ќе се намалат бројките на заразени
Петличковски рече дека скринингот ќе се одвива во училиштата, а родителите кои добиле изјава за согласност дека се согласуваат нивните деца да бидат тестирани со брз тест тие ќе бидат тестирани во училиштата и нема потреба да ги носат во центрите за јавно здравје како што првично беше планирано.
Според информацијата објавена на пресот на почетокот на оваа недела, ќе се тестираат 2 000 ученици, а тестирањето ќе биде во училиштата со согласност од родителите, на деца по случаен избор.
Скринингот во училиштата беше најавен уште пред почетокот на второто полугодие и тоа за првата недела по враќањето на децата во школите.
На почетокот на оваа недела, Комисијата соопшти дека со почетокот на второто полугодие има и зголемување на бројот на заразени деца на возраст од 6 до 14 години.