
Во вторник започнува второто полугодие во основните и средните училишта во Македонија, во знак на реакциите околу начинот на кој ќе се одвива наставата.
Фото: ОУ Тошо Арсов
Почетокот го следеа одлуки кои во секој случај предизвикуваа реакции – најпрвин Владата по предлог на Главниот кризен штаб одлучи распустот да биде продолжен за една недела, поради зголемувањето на бројот на заразени со Ковид 19. Потоа, според препораките на Комисијата за заразни болести, конечната одлука на Владата беше наставата од 1 февруари да се одвива со физичко присуство.
Токму одлуката за настава со физичко присуство предизвика најмногу реакции, пред се од страна на родители организирани неформално на социјалните мрежи. Дури се јавуваат и повици за испраќање меилови од сите родители до МОН за да се бара онлајн настава, се споменуваат и протести, бојкот на наставата. Се разбира, секоја приказна има и своја втора, трета страна, па и овде има реакции дека истите тие кои бараат онлајн настава за децата, без проблем се групираат во кафеани, на собири каде не носат маски и ни најмалку не ги почитуваат елементарните безбедносни препораки.
Реакциите дополнително се разгореа со изјавите кои ги даваат лекари, кои се за или против носење маски, а секако и дезинформациите кои се шират за цело време на траење на пандемијата. Во случајов, отворено со барања и ставови излегоа и некои организации, поврзани со образованието и децата.
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) преку својот претседател Јаким Неделков јавно побара преиспитување на одлуката за начинот на одвивање на наставата. Сепак, интересно е тоа што СОНК како репрезентативен синдикат за вработените во образованието тоа го стори преку статус на социјалните мрежи од својот прв човек, додека во официјалните документи од работните средби на раководството на синдикатот меѓу првите одлуки беше препораката да се честита изборот на новиот министер за образование! Ова наиде и на реакции кај дел од наставниците.
На поинаков начин, со официјално барање до Владата реагираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“. По одржана онлајн дебата со учество на експерти, „Меѓаши“ упати барање до Владата, во кое меѓу другото стои:
„ Врз основа на заклучоците, особено едногласноста на панелистите за проблематичноста на одлуката за започнување на наставата со физичко присуство од 1-ви февруари, упативме барање до Владата и до Комисијата за заразни болести оваа одлука да се преиспита во насока на започнување на полугодието со онлајн настава барем во текот на првите две седмици од февруари или дополнително одложување на почетокот“.
Меѓу другото, во барањето стои Владата да ја испита можноста за обезбедување на сите училишта, основни и средни со брзи тестови.
Инаку, на онлајн дебатата на „Најдобар интерес на децата – за и против носење на маски и тестирањето во училиштата“ било кажано и дека бројот на заболени деца што се јавиле во институтот за белодробни заболувања во периодот декември 2021 – јануари 2022 бил двојно зголемен од вообичаениот број за време на претходните пикови. Учесниците на дебатата исто така сметале дека маски треба да се носат во затворен простор, но не и на отворено.
СОНК бара онлајн настава во првите две недели од полугодието
Во секој случај, има уште еден ден за евентуална промена на одлуките, доколку тоа не се случи, од вторник основците и средношколците ќе го започнат второто полугодие, со настава со физичко присуство и задолжително носење маски во училиштата.