Мелани Иванова, млада поетеса од Штип која ужива додека нижи стихови. Неодамна, со својата творба „Заточени души“, ја освои наградата за најубава поетска творба на литературниот Kонкурс распишан од страна на Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“. Наградената песна ќе биде дел од новиот број на списанието за литература „Зенит“.
Освоената награда претставува дополнителен стимул за работа на Иванова.
„Наградата од Друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“, ме мотивира секоја нова мисла да ја преточам на лист хартија. Парче по парче да го создавам мојот творечки мозаик од зборови, кој верувам дека некогаш ќе можам да го составам целосно и да биде спакуван како дар во кутија.“ – вели Мелани Иванова, ученичка во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“.
Нејзинината менторка, проф. д-р Наташа Лазарева има само пофални зборови кон својата ученичка.
„Да се работи со талентирани деца е благослов за еден професор. Мелани е талентирано девојче кое секојдневно има амбиции да работи на својот талент. Оваа награда претставува круна на досегашното нејзино работење и посветеност.“ – истакнува Наташа Лазарева, професор по македонски јазик во СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“.
Иванова има учествувано и на други литературни конкурси и манифестации и секогаш се закитува со награди и признанија.
„По секоја добиена награда и пофалена творба, се’ повеќе добивам поттик за моето творештво да го збогатам со уште една нова песна или есеј.“- додава Иванова.
Како млада и амбициозна индивидуа, Мелани ги поттикнува младите да сонуваат, да го работат она што ги исполнува и да веруваат во себе – тоа е патот до успехот.