
Проектот „Воспоставување на дијалог: нашата споделена одговорност кон иднината“, кој е ко – финансиран од страна на Европската Унија преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, Општина Карбинци го спроведe во партнерство со Фондацијата „12-ти Стол“ од Благоевград.

Во завршните денови од проектот, во Дупница, се одржа и последната конференција за презентација на резултатите.
Партнерите ги споделија заклучоците од спроведените анкетни истражувања во двете општини за подготвеноста на граѓаните за непогоди, и, мапирањата на ризичните зони со предиспозиција за пожари.
Врз основа на резултатите од анкетите, во претходната фаза од проектот беа подготвени и спроведени обуки за деца и ранливи групи граѓани во двете општини во текот на февруари, 2022 година, а во кои се вклучија вкупно 120 учесници – по 60 во секоја општина. А, уште 40-тина граѓани од двете општини, имаа можност да се дружат и разменат знаења и искуства во областа на превенција и справување со пожари и за време на заедничкиот семинар одржан во Дупница, Република Бугарија.
Преку презентација од фотографии, беа споделени и впечатоци од одржаните инфо денови во двете општини, како дел од Кампањата „Секогаш подготвени, секогаш безбедни“. Во О. Карбинци, околу 100 деца и млади, а и повозрасни граѓани, се вклучија во трите дена за одбележување на Кампањата, и имаа можност да се дружат и стекнат со нови и корисни знаења и вештини преку низа едукативни активности и показни вежби од пожарникарите од ТПЕ Штип и волонтерите од ОО на Црвен Крст – Штип.
За време на инфо деновите во Карбинци, учесниците играа и игри кои беа дизајнирани специфично за потребите на проектот (сложувалки, игри за меморија, квиз картички…), имаа можност да се запознаат и разговараат со Градоначалникот и други лица од општината и општинските институции, претставници од медиумите, волонтери и младински работник, за да разберат како тие работат за нив, како деца и младите може да учествуваат во процесите на носење одлуки, како да се информираат, и како да учествуваат активно и допринесат во своите заедници. Дел од учесниците добија и награди (маици, нотеси, пенкала) за учество во квизови и игри во рамки на програмата.
За време на инфо деновите, беа доделени и наградите на победниците на конкурсот за есеи „Бледа сина точка“, а Градоначалникот, им додели и сертификати на децата кои учествуваа на основната обука за превенција и справување со пожари.
На завршната конференција, од страна на македонскиот тим, беа поделени дел од едукативните игри на претставници од училишта од Дупница. Проектниот тим ќе достави едукативни игри и во младински центри, центри за лица со попречености и училишта во региoнот на О. Карбинци.
За ефектите и придобивките од проектот, Координаторката на проектот Драгана Митровиќ смета дека се од особено значење, бидејќи се креирани нови ресурси што ќе се користат и во иднина:
–Она кое останува како активна можност за едукација, информирање и вклучување на заинтересираните деца, млади и возрасни граѓани во прекуграничниот регион е веб платформата https://youth4environment.eu/ каде се објавени сите информации за партнерите и проектот, а тековно ќе се обновува со нови ресурси и информации. Веб платформата е на македонски, бугарски и англиски јазик, и, преку неа може да се контактираат партнерите, а исто така, и заинтересираните кои сакаат да се активираат и допринесат во своите заедници – да се пријават преку посебен формулар.
Овој проект, што претставува надградување врз резултати од претходни проекти, е особено значаен за партнерските општини бидејќи креира нови ресурси и содржини што ќе се користат и во иднина. Важноста на поддршката од страна на Европската Унија во прекуграничниот регион е голема, и се надеваме дека ќе продолжи успешно да се дистрибуира онаму каде што е неопходна – вели Драгана Митровиќ.

